Таско со нова песна на Велигден: „’Воскресение’ го опишува мојот пат - од борбата со пороци кон духовност“
- Детали
- понеделник, 21 април 2025
„Сакав луѓето да ја слушнат мојата страна на приказната - каде бев последните години и низ што поминав. За некој да воскресне, прво мора да умре. Не мора тоа да е физичка смрт - но за да станам нова верзија од себе, најпрво морав да ја победам старата“, вели Таско за CRNOBELO.com.
Христијан Тасковски Таско веќе некое време јавно зборува за тоа колку биле тешки и порочни неговите последни години од животот, но и дека веќе неколку месеци живее поразлично - без искушенија, без работи што му го поматувале умот во минатото, фокусиран на семејството, на себе, на еден поубав и помирен живот.
Па откако неодамна излезе песната „Листот“ во која само ја начна содржината на своите внатрешни борби и демони, токму на Велигден, еден од најголемите христијански празници, тој промовираше нова песна, наречена „Воскресение“.
Песната е дел од големата приказна за себе што Таско сака да ја раскаже и сподели со публиката, а ќе биде заокружена со албум.
За CRNOBELO.com, тој вели:
„Воскресение“ е тема во која зборувам за мојата лична борба со одредени пороци и победата над нив.
Сакав луѓето да ја слушнат мојата страна на приказната - каде бев во последните неколку години и низ што поминав.
Токму затоа ја избрав темата „воскресение“, бидејќи најдобро го опишува патот низ кој поминав.
Воскресението е присутно во повеќе вери, но за некој да воскресне, прво мора да умре.
Не мора тоа да биде физичка смрт - за да станам нова верзија од себе, најпрво морав да ја победам старата.
Со желба автентично да ја доловам оваа трансформација, одбрав неколку сцени кои јасно ја отсликуваат промената од материјален немир кон духовност и длабоко внатрешно смирување.
Во спотот и во самата песна преовладуваат искрени, сурови емоции кои се длабоко врежани во моето срце.
Особено тежок и симболичен момент е сцената каде пијам и пушам, додека до мене стои празно креветче за бебе. Во тој момент, во позадина оди стихот:
„Нејќам да се борам, веќе од сè дигам раце,
оваа глава доста пати, и ова око доста плаче.“
Текстот, музиката и миксот се целосно мои. Ги оставам слушателите сами да ја пронајдат поентата, да ги почувствуваат стиховите и, можеби, да се препознаат себеси во нив“.
Погледнете го видеото и слушнете ја „Воскресение“:
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





