Спонзорирано од:
Спонзорирано од ОгласиЗаРабота.мк


Венко Андоновски по трагедијата во Кочани: „Паднавме на испитот - не успеавме да се погрижиме за нашите деца“

„Ние сме обични контејнери од кожа, контејнери за човечки отпад: лакомост, грабливост, среброљубие, бесчувствителност, со максимална покорност кон неговото височество Џебот. Контејнери од кожа со кожни паричници полни пари, беден остаток од некогашниот чувствителен човек“, пишува Венко Андоновски во својот „Реквием за нашите деца“.

venko-andonovski-padnavme-na-ispitot-ne-uspeavme-da-se-pogrizhime-za-nashite-deca-01_copy.jpg

Македонскиот писател и колумнист, Венко Андоновски, еден од омилените во нашата книжевна јавност, со остар, но реален тон пишува за трагедијата во Кочани, но и многу страшни моменти од минатото, кои ја жигосаа нашата земја.

Тој им посвети Фејсбук статус на жртвите од трагичната несреќа во Кочани, а го нарече „Реквием за нашите деца“.

venko-andonovski-po-tragedijata-vo-kochani-padnavme-na-ispitot-ne-uspeavme-da-se-pogrizhime-za-nashite-deca-02.jpg

Прочитајте ја неговата порака:

„Ние сме контејнери од кожа, а не луѓе.

На траурот и тагата најстрашен непријател им се зборовите. Зборовите се немоќни да утешат.

Сепак, како професор и писател, како долгогодишен колумнист, имам потреба да оставам некое слово по ужасната трагедија што ја погоди Македонија во Кочани. Сочувство е малку: треба конечно, да покажеме ЧУВСТВО, а не сочувство.

Знаеме кој ги уби дванаесеттемина ваташки младинци во 1943 година. Тоа беа „други“, тогашни непријатели. Сега сами ги убивме сопствените деца. Зошто? Како дојдовме до тоа да им бидеме крвници на своите синови и ќерки?!

Па, дојдовме до ова поради хронична човечка и професионална негрижа, јавашлук.

Ако ни останат вишок делови кога склопуваме авион, велиме - може и така, еве, авионов лета и без тие делови.

Дојдовме до ова дереџе не само поради незнаење, туку, што е пострашно, поради лакомоста на неговото височество - капиталот.

venko-andonovski-padnavme-na-ispitot-ne-uspeavme-da-se-pogrizhime-za-nashite-deca-03.jpg

Ние сме обични контејнери од кожа, контејнери за човечки отпад: лакомост, грабливост, среброљубие, бесчувствителност, без трошка чувство за другиот, со максимална покорност кон неговото височество Џебот.

Контејнери од кожа со кожни паричници полни пари, беден остаток од некогашниот сјаен и чувствителен, одговорен човек на хуманизмот, ренесансата, дури и на оној човек од социјализмот. За христијанството нема ни да говорам.

Ние сме капиталистичка транзициона беда, човек свртен во спротивна насока од еволуцијата на Дарвин.  Ние сме расчовечени животни, зашто и животните се почовечени од нас денес.

Со децении пишувам колумни и се чувствувам како некој кој на глуви уши им пее.

Најчитани се оние колумни кога заземаш партиска страна, напаѓаш едни, а браниш други. Оние колумни кои говорат за човештина и хуманизам, со децении немаат ни по два лајка.

Таквите колумни, за острастените партиски војски и војсководачи се обично филозофирање, чукање празна слама.

А за мене отсекогаш биле најважни. Со децении пишував (со уште неколкумина интелектуалци) дека денес, во демократско време, нема добар и лош систем, туку само добар или лош човек ставен во системот.

venko-andonovski-padnavme-na-ispitot-ne-uspeavme-da-se-pogrizhime-za-nashite-deca-04.jpg

И оваа истрага ќе заврши така: системот бил добар, законите добри, ама човекот што требал да ги спроведе, не бил добар.

Затоа, не верувам дека ако имаш добар систем, по дефиниција тој систем ќе произведе добри луѓе.

Човек го создава системот, и му дава изглед на добар или лош. Не може системот, макар бил и најдобар, да создаде добар човек.

Добар човек се создава само со воспитание, а воспитанието порано се потпираше на школите и семејството.

И едното и другото денес се раскантани, претворени (повторно) во контејнер. Нема да мрднеме ни чекор додека има меѓу нас морално невоспитани.

Нека имаат сто дипломи, ако немаат морално воспитување - ќе прават штети и трагедии.

Нека им е светло во станот Небесен на сите оние млади души што се веќе таму.

Таму подобро ќе се грижат за нив. Ние овде паднавме на испитот. Не успеавме да се погрижиме за нашите деца, вакви какви што сме. Беда, тага и бол“.

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Каде е и што прави денес Угро? „Ах, 90-тите и 2000-тите години беа убави за живеење. Инаку, моментално сум...
Сара Мејс горда на сопругот: „Среде невреме помогна на непознат човек – на него имаше 20l вода и го ... Колкумина од вас во најголемото невреме би застанале да му помогнат на непознат ...
Македонка со силна порака: „Зимава трипати бевме болни со децата - кога телото ми откажуваше, сфатив... „Како мајка на мали деца, очекувано ти е да има вакви епизоди. Но, признавам, не...
Јелена Спенџарска објави видео за токсични врски - жена ѝ вели: „Имам пеколен брак, ама каде да одам... „Мојот телефон е повеќе негов отколку што е мој. Да види дали сум додала некој д...
Лила Филиповска емотивна за 30-тиот роденден на синот: „Ти си мојата сила, мојот панцир, мојот двига... „За мене секогаш ќе останеш ‘моето дете’, иако денес полниш 30 години! Со овие з...
Маја Платнар од Скопје: „14 години откако ми кажаа 'болна си', денес среќна ви кажувам 'здрава сум'“ „Верувајте ми дека не е лесно болеста да ви биде сопатник, но вреди, оти ако нау...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg