Каде е и што прави денес Наталија Данаилова од „Македонски идол“?
- Детали
- сабота, 01 март 2025
„Пеев на ‘Идол’ во Македонија, Србија и Црна Гора, но мојот најголем успех кога станува збор за шоуа е ‘Бугарски идол’, каде бев избрана за единствена девојка од Македонија која пее во Софија, заедно со тројката момци Бојан Стојков, Дарко Илиевски и Александар Тарабунов“ - се присети Наталија Данаилова во интервјуто за CRNOBELO.com.
Наталија Данаилова од Богданци, пред околу 15 години настапи во „Македонски идол“ - едно од најпопуларните музички шоуа кај нас.
Публиката ја памети како девојката со силен и моќен глас - и токму таа им беше фаворит на многумина.
Освен во македонското издание на „Идол“, таа настапи во истото шоу во Србија и Црна Гора, а потоа и во бугарскиот „Идол“, заедно со Александар Тарабунов, Дарко Илиевски и Бојан Стојков.
Зад себе Наталија има еден албум, бројни настапи во кафулињата и клубовите низ земјава, а од неодамна и нов сингл, „Милост“, кој е најава за нејзиниот втор албум.
За CRNOBELO.com, таа ни раскажа дел од своите сеќавања од времето на „Идол“ но и каде е и што прави во моментов:
„Пеев на ‘Идол’ во Македонија, Србија и Црна Гора, но мојот најголем успех кога станува збор за шоуа е ‘Бугарски идол’, каде бев избрана за единствена девојка од Македонија која пее во Софија, заедно со тројката момци Бојан, Дарко и Тарабунов.
Во контакт сум со скоро сите идоли, мои колеги, а со некои имам поинтензивна комуникација и соработуваме за настапи и се поддржуваме.
Се дружам со Јана, Раденов ми е пријател и ден-денес, а сме се дружеле и пред настапите на Идол. Со Виктор сум во комуникација, со Биле, Бети, Јуле, Влатко мојот сограѓанин, со Иво - значи скоро со сите.
Времето поминато таму беше еуфорично, имав секогаш „гориво“ за напред зашто тоа беше тоа што сакам да го правам.
И знаев дека без оглед на исходот, целото искуство вреди, целото знаење научено таму ќе се применува и понатаму во животот.
Не знам кој круг беше кога испаднав, ама знам дека бев во 20-те најдобри според одлуките на жирито во кое беа Игор Џамбазов, Калиопи и Тони Михајловски.
Никогаш нема да заборавам кога Калиопи ми рече: „Ти знаеш колку вредиш, како пееш и што сѐ можеш да направиш, како што ти знаеш така знам и јас, тоа што публиката сака некогаш да ни го каже е дека ти многу одамна стана македонски идол за некого и сакаат да те видат многу подалеку од ова место“.
Веројатно мислеше на моето учество на ‘Идол’ во Бугарија, кој беше заеднички со Македонија, а каде постигнав одлични резултати.
Денес сум активна со музиката, пеам низ цела Македонија - во Берово каде имам прекрасна публика и голема поддршка за сите мои проекти, Неготино, Велес, родното ми Богданци, Гевгелија, Крива Паланка...
Имам снимено и еден албум „Сѐ за тебе“ кој е објавен 2018 година.
Веќе работам на втор албум со мојот тим, прекрасната Весна Малинова, која низ годините дава многу боја во музиката, на која ѝ се препишуваат стотици песни и Илија Ќосевски, кој ги аранжира песните и е задолжен за аудио продукцијата.
Јас сум по професија класичен филолог и имам искуство како професор по латински јазик неколку години.
Бев дел од наставничкиот кадар на СОУ Богданци, а до неодамна бев дел и од колегиумот како надворешен соработник во Археолошкиот музеј на Македонија.
Сега волонтирам во The Countryside, единствениот ранч со спасени животни, каде работиме со дечиња со посебни потреби преку хипотерапија, каде работиме на луѓе со ментални предизвици, организираме ретрити за дигитална изолација и ставаме акцент на менталното здравје и поврзувањето на луѓето со животните, со природата т.е со себе.
Моите идни планови го вклучуваат вториот албум кој го спомнав, а кој ќе се појави напролет.
И учество на фестивали во и надвор од земјата. А и настапите си остануваат, исто така, во план“.
Погледнете еден од настапите на Наталија во „Идол“:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





