Наставникот Иле Михајловски е во топ 50 во светот: „Работам 29 години, учениците ми се секогаш на прво место“

„Оваа година имаше над 5.000 апликации од наставници од 89 земји од целиот свет, а нив ги разгледуваат 90 еминентни судии, стручни лица во многу полиња. Победникот ќе добие 1 милион долари“, вели наставникот Иле Михајловски за CRNOBELO.com.

nastavnikot-ile-mihajlovski-e-vo-top-50-vo-svetot-rabotam-29-godini-uchenicite-mi-se-sekogash-na-prvo-mesto-01.jpg

Наставникот Иле Михајловски веќе 29 години работи како одделенски наставник во основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ во Свети Николе.

Но, она што го одвојува од останатите наставници во земјава е што влезе во финалето на изборот за најдобар наставник во светот за 2024-та година, а на кој беа пријавени преку 5.000 наставници од 89 земји.

Михајловски влезе во топ 50 финалисти, од кои потоа ќе се изберат најдобрите 10.

Победникот на оваа глобална награда за наставници ќе се дознае наскоро во Дубаи, каде што ќе присуствуваат сите 50 финалисти.

Наградата за најдобриот наставник е 1 милион долари.

За тоа кој го номинирал, за дилемата дали да ја пополни апликацијата за да учествува на конкурсот, но и што е она што Иле Михајловски го прави различен од останатите наставници кај нас, прочитајте во неговата изјава за CRNOBELO.com:

„Глобалната награда за наставници на светско ниво (Global Teacher Prize) е организирана од страна на Varkey Fondation од Лондон со поддршка од UNESCO и GEMSEducation. Оваа глобална награда за наставници се организира годинава по деветти пат.

Правилата за номинирање во овие години се менувале и надградувале. Така, оваа година, за разлика од претходните, се дадени 2 можности за номинација.

Првата е некој да те номинира, како во случајот со мене, а бев номиниран од блиска личност која ја препознава мојата работа и верува во мојот труд.

Поединецот кој ве номинира не мора да биде наставник, може да биде кој било - пополнува краток формулар зошто ве номинира и ги дава основните податоци за вас.

Потоа добивате електронска пошта во која читате дека сте номинирани и натаму преминувате на прифаќање на номинацијата и пополнување на апликацијата.

Вториот начин е сами да се пријавите без некој да ве номинира.

И во двата случаја, по номинацијата треба да пополните апликација со сите барања кои истата ги има и да ја поднесете.

viber_image_2025-01-26_22-46-18-783.jpg

Оваа година конкурсот за пријавување беше некаде од крајот на октомври, а краен датум за испраќање на апликацијата до 8 декември, но имаше продолжување на рокот поради технички проблеми на веб страницата.

По дадениот рок, страницата е затворена, а сите поднесени апликации продолжуваат во процес на разгледување и оценување.

За мене беше голема чест што бев номиниран.

Ќе бидам искрен, имав голема дилема дали да ја пополнам апликацијата по номинацијата, најмногу поради тоа што мислев дека немам доволно што да прикажам како сопствени постигања за да влезам во избор кој е на светско ниво.

Поддршката за сепак да ја пополнам ја добив од блиски луѓе кои веруваат во мене и кои веројатно по малку пристрасно, а повеќе реално гледале на мене, мојата работа и моите постигања.

29 години работам во ООУ „Свети Кирил и Методиј“ како одделенски наставник, па кога дојде ред да побарам препорака од училиштето, а која се бараше како документ во апликацијата, согледав радост од споделената вест, иако на почетокот на многумина не им беше јасно за каков натпревар станува збор.

viber_image_2025-01-26_22-47-29-585.jpg

Секоја година бројот на поднесени апликации е различен. Оваа година имаше над 5.000 апликации од наставници од 89 земји од целиот свет.

Сите поднесени апликации ги разгледуваат 90 еминентни судии, стручни лица во многу полиња.

Тие ја оценуваат секоја поднесена апликација, оние кои се издвојуваат и им го привлекуваат вниманието ги контактираат и закажуваат интервју.

Јас бев информиран преку електронска пошта дека сакаат да ми направат интервју на ZOOM, кое се случи на 31 декември во 15 часот.

Интервјуто трае 30 минути, те интервјуираат лица од Varkey фондацијата, но немаш појаснување дали тоа го прават некои од тие 90 судии или други кои се одговорни за реализација на истото.

Прашањата беа од оние сегменти кои најмногу им привлекле внимание од мојата апликација, постигања кои тие ги издвоиле како посебни, споредено со од нечии други.

По интервјуто помина период од десетина дена, кога по електронска пошта бев информиран дека сум еден од 50 топ финалисти.

viber_image_2025-01-26_22-46-19-024.jpg

Судиите по разгледувањето на сите поднесени апликации ја прават Топ 50 листата на финалисти, нè информираат и ни даваат насоки во понатамошниот процес.

Критериумите за избор не ми се познати, но мислам дека во предвид единствено се земаат сите постигања на поединецот кој аплицирал, па мерливо со сите останати апликации влегува во процесот на селекција и стасува до одредено ниво - најмногу со неговите постигања.

Оваа седмица како последна од месец јануари е период кога од тие Топ 50 финалисти ќе се направи потесна селекција и ќе бидат избрани Топ 10 финалисти од страна на истите судии.

Во овоj процес од почетокот, па до крајот, нема никаква форма на гласање по социјални мрежи или веб страни.

Изборот на победникот е работа на 90-те судии, без можност за гласање.

Почетокот на месец февруари истите судии го одбираат победникот, но кој победил ќе се знае на настанот кој се одржува од 10 до 13 февруари во Дубаи.

Сите 50 финалисти одат во Дубаи, на главната свеченост на сцена се повикуваат 10-те финалисти и на крајот од нив се чита и прогласува победникот.

Победникот ја добива главната награда од 1 милион долари.

viber_image_2025-01-26_22-46-18-884_copy.jpg

Чудно ми е да одговорам што мене ме одвојува од другите наставници. Она што можам да го кажам без никакво чувство на срам е дека целата мотивација за сè што сум сработил ми се децата.

Она што прави разлика помеѓу мене и останатите колеги наставници е што секогаш сам си поставувам повисоки цели на постигања, тоа е мој личен избор, без некаков негативен фидбек кон останатите колеги.

Мој е изборот стручно да се усовршувам и надградувам, да ги поминувам сопствените граници и полека да се искачувам по секое скалило кој сам сум си го поставил.

Никогаш тоа не било направено со цел да бидам на врвот, туку со цел да помагам секогаш и секаде, најмногу на децата.

Верувам дека сè уште имам доволно сила и мотивација да продолжам со истото темпо на искачување по скалилата кои ги поставувам, без брзање, но со цел која сакам да ја постигнам, а таа да има силен импакт не кон мене, туку најмногу кон децата.

6 генерации ученици се зад мене, во секоја сум го дал својот максимум, иако од сегашен аспект размислувам дека можело и повеќе.

Но, она што ме радува е што гледам свои генерации веќе зрели и реализирани луѓе, а тоа ми е доволно за среќа“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Кристина Димитри за новиот дечко: „Се запознавме во Белград, секое утро ме буди со кафе и појадок“ „Се запознавме во Белград. Ме привлече со неговиот изглед, за мене тој е најубав...
Инспиративна мајка: Македонка држи говор со 7-месечното бебе - доказ дека жените можат сè „Многу нови мајки можеби мислат дека присуството на некаква обука со бебе е голе...
Мартија Станојковиќ во Дубаи - Позира во бикини Ручек покрај базен, ден поминат во познат ресторан на плажа и уживање во топлото...
Менче Трповска: „Лани колкот ми беше заменет со керамички, сега трчав на Скопски маратон 2024“ „Пред 7 години ми беше дијагностицирано коксартроза на лев колк, кое беше просле...
Лабина Митевска со моќен говор по добиена филмска награда во Швајцарија: „Се докажавме во балканскот... „Пред 25 години, долго време бев единствената жена продуцентка, а сестра ми беше...
Синчето на Антониа Гиговска го прослави првиот роденден: „Не знам што би правеле да не си ти“ Антониа Гиговска првпат објави фотки на кои се гледа лицето на синчето Киан, по ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg