Славчо Попоски, метеоролог: „До среда послаби врнежи од снег, температурите ќе се спуштат и под -10˚C“
- Детали
- понеделник, 13 јануари 2025
„До среда ќе имаме претежно облачно време со послаби врнежи од снег, особено во западните и во југозападните предели“, вели Славчо Попоски за претстојната недела.
Викендов во Скопје, но и поголемиот дел во Македонија имаше обилни врнежи од снег, а во повеќето градови првпат се формира и снежна покривка за оваа зима.
Врнежите снег ќе продолжат и во текот на првата половина од неделата, а температурата на некои места ќе се спушти и под -10 степени Целзиусови.
Во продолжение, прогнозата на Славчо Попоски за претстојната недела:
„Под влијание на многу ладен воздух со потекло од Арктикот, до крајот на оваа работна недела ќе имаме исклучително студено време, со минимални температури кои насекаде низ Македонија ќе бидат под нулата.
На повеќе места наутро ќе се спуштаат до околу -10 степени Целзиусови, а понекаде дури и под -10 степени Целзиусови, односно до околу -15 степени Целзиусови.
И максималните дневни температури ќе бидат ниски и на повеќе места ќе се движат околу, па и под нулата.
Само во централните и во југоисточните предели тие ќе се искачуваат за неколку степени над нулата. Повремено ќе дува слаб до умерен ветер од северен и од североисточен правец.
Во Скопје во текот на оваа работна недела температурата наутро ќе се спушта до околу -5 степени Целзисуови, а преку ден таа ќе се искачува во интервалот помеѓу 2 и 4 степени Целзиусови.
До среда ќе имаме претежно облачно време со послаби врнежи од снег, особено во западните и во југозападните предели.
И во Скопје и околината до среда ќе има услови за повремено провејување на снег.
Во деновите после среда ќе имаме постепено намалување на облачноста.
НАПОМЕНА: Поради ниските температури кои ги очекуваме, насекаде во државава ќе имаме појава на голомразица, па така особено крајно внимателни да бидат возачите, но и пешаците“.
Спирова С. | Црнобело
фото: freepik.com, Фејсбук