Татко и два сина од гостилница во Неготино прават бесплатни оброци за Бадник: „Годинава ќе има околу 300 порции“
- Детали
- петок, 03 јануари 2025
„Оброците ќе се служат на 6-ти во текот на денот и ќе имаме околу 300 порции. Секој кој има потреба може да земе оброк од нашата гостилница или, пак, можеме да му доставиме со такси“, открива Христијан Ганчев од гостилницата „Ја, тате и бате“ во Неготино.
Веќе неколку години, сопствениците на гостилницата „Ја, тате и бате“ за Бадник подготвуваат бесплатни оброци за сиромашните.
Татото и двајцата синови несебично спремаат и над 100 порции кои ги даваат на оние на коишто им е најпотребно.
На еден од најважните христијански празници, тие поставуваат пример за сите нас.
Христијан Ганчев, помалиот син од гостилницата, за CRNOBELO открива нешто повеќе за хуманитарната иницјатива.
„Започнавме пред неколку години, имавме желба да помогнеме на оние на кои им е најпотребно.
Како гостилница, секојдневно работиме со храна, па решивме преку тоа да дадеме придонес за ранливите категории на луѓе.
Оброците што ќе бидат дадени на Бадник ќе бидат приготвени со голема посветеност.
Како што е карактеристично за овој ден во нашата религија и традиција, оброкот ќе биде посен грав и риба, со што ја прави оваа акција уште позначајна и посебна“.
Тој откри дека годинава направиле уште повеќе оброци бидејќи лани забележале голем интерес.
И, се надеваат дека и за овој Бадник ќе истапат луѓе на кои им е потребна помош.
„Оброците ќе се служат на 6-ти, во текот на денот, и ќе имаме подготвено околу 300 порции.
Секој кој има потреба може да дојде да ги земе оброците од нашата гостилница или, пак, може да ги доставиме по такси на саканата локација.
Минатата година бројот на оброци беше помал и можам да кажам дека имаше интерес, беа дадени околу 150 до 200 оброка, а истото го очекувам и оваа година.
Луѓето реагираа со благодарност, многумина беа изненадени што некој се грижи за нив, ја прифатија со срце и ја ценат помошта.
Со еден збор, нашата цел беше остварена“, вели Христијан.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук