Фудбалерот Дарко Чурлинов ја запроси Гркинката Филипа - романтично, со фенери на плажа
- Детали
- четврток, 26 декември 2024
Чурлинов, кој во минатото не споделуваше ништо за приватниот живот, првите фотки со Филипа ги објави кон средината на октомври, а сега ја изненади јавноста со запросувањето.
Фудбалскиот репрезентативец Дарко Чурлинов ја запроси својата девојка, манекенката со грчко потекло, Филипа Ксанта.
Парот е на романтично патување на Малдови, па таму фудбалерот клекна на колено и ја побара Филипа за сопруга.
На својот Инстаграм профил, тој објави неколку фотки од запросувањето, од девојката и прстенот што го избрал, но и од деновите поминати заедно.
„Среќни денови“, напиша Чурлинов во објавата.
Слични фотографии објави и Филипа на нејзиниот Инстаграм.
На нејзиниот профил може да се види дека таа е модел, а пишува и дека има завршено психологија.
Дарко, кој во минатото не споделуваше ништо за приватниот живот, првите фотки со Филипа ги објави кон средината на октомври оваа година.
Претходно во јавноста се шпекулираше дека фудбалерот е во врска со Мартија Станојковиќ, но тој никогаш не го потврди тоа.
Мартија, пак, неодамна во интервју кажа дека се гледале многу кратко време и дека тоа било одамна, а таа сега има нов дечко.
Погледнете повеќе фотографии од запросувањето и одморот на Дарко и Филипа:
А. Ј. | Црнобело