Мајка од Скопје со моќен статус: „Во училиштето на син ми се организираше новогодишен базар - зошто не отидов?“
- Детали
- петок, 27 декември 2024
„Ние бевме против и не учествувавме на еуфоријава и предложивме за наредна година да се направи работилница во рамки на предметот слободна активност или ликовно, каде што ДЕЦАТА сами ќе ги изработуваат украсите“, вели Кристина Паскоска од Скопје.
Кристина Паскоска од Скопје, антополог и креатор на платформата Мекам, е мајка на прваче, која изреволтирана од ситуација во неговото училиште, по повод начинот на кој бил организиран новогодишниот базар во училиштето, напиша статус на Фејсбук, во кој ќе се пронајдат многу родители.
Се согласувате ли дека изработките треба да бидат од вредните рачиња на децата, а не направени или, уште понекреативно, купени од родителите?
Нејзината објава гласи:
„Во училиштето каде што учи син ми, се организираше новогодишна прослава, еуфорија, „хепенинг“ на англиски, оти тоа е новото модерно.
Убава идеја, меѓутоа концептот спроведен од училиштето, е родителите да изработуваат или купуваат украси од името на децата, кои ќе бидат изложени за продажба.
Тоа било така затоа што родителите немале време, а имаат време да фрлаат енормни финансиски средства за да се покажат, кој е кој, нај - родител. Апсурд.
Ние, лично, бевме против и не учествувавме на еуфоријава и предложивме за наредна година да се направи работилница во рамки на предметот слободна активност или ликовно, каде што ДЕЦАТА сами ќе ги изработуваат украсите. Преку истата, ќе им се поттикне имагинацијата и креативноста, ќе се заштеди време и финансии, а што е најважно на децата ќе им биде преинтересно.
Па, нема поубаво чувство од тоа што ќе создадат самите, со своите рачиња, а притоа ќе се продуховат со племенити вредности.
Не можам да разберам, како е ова возможно??? Зошто децата да се прават неспособни со сила? Зошто училиштето да причинува стрес??? Зошто нема разумност меѓу родителите?
Не можам да ви опишам за какви теми, дискусии се отвораат... Тотално неважни. Болни.
Војната треба да се води надвор од кутијата, а не меѓу родителите...Зошто постоиме? Да бидеме вечни марионети, „молчи си и полесно ќе пројдеш“, а детето осакатено за цел живот. За децата се работи, како не ја гледаат големата слика?
Доволно читаме од социјалните мрежи, за насилство, за самоубиства, разно-разни исмејувања, пласирани идеологии, обоени партиски..
Против тоа треба да се бориме, да се истисне, да се создадат просветлени генерации...
Многу ми е жал што го живееме времево... За децата најмногу...“
С. С. | Црнобело / фото: depositphotos.com
Би можело да ве интересира:





