Битолчаните Ана и Алексеј енергични на евровизиската сцена - ја имаа втората проба на Јуниор Евросонг (видео)
- Детали
- среда, 13 ноември 2024
Нашите Ана и Алексеј во сабота (16.11) ќе ја претставуваат Македонија на Јуниор Евросонг 2024.
Ана Ванчевска и Алексеј Ивановски од Битола, нашите претставници на Јуниор Евросонг 2024, кој се одржува во Мадрид, Шпанија, ја имаа втората проба.
На нивните Инстаграм профили беа објавени неколку фотографии од пробите и нашето дуо делува одлично на евровизиската сцена.
Тие ја пеат песната Marathon, со која ќе ја претставуваат Македонија на најголемото детско музичко натпреварување во Европа.
Песната е дело на братско-сестринското дуо Лазар и Магдалена Цветкоски.
За настапот, Ана и Алексеј се облечени во розово-црна комбинација, имаат слични фризури со плетенки и изгледаат симпатично и впечатливо на сцената.
Тие споделија и кратко видео од подготовките за втората проба:
Нашите претставници се едни од 17-те учесници на Јуниор Евросонг оваа година.
Натпреварувањето ќе се одржи на 16 ноември (сабота), со почеток од 18 часот, а директен пренос ќе има на Македонската телевизија.
Што знаеме за Ана и Алексеј?
Ана Ванчевска од Битола, во изминативе години учествуваше и освои неколку први места на бројни музички фестивали.
Таа годинава беше единствена претставничка на Македонија на меѓународниот фестивал Сан Ремо Јуниор, во Италија.
Ана е одличен ученик и добитник на бројни државни награди по математика, физика и француски јазик.
Алексеј Ивановски е исто така од Битола. Овој талентиран млад пејач учествувал и победил на бројни музички фестивал, а пеел и на Бела ноќ во Битола со Камерниот оркестар.
Алексеј учествувал на многу општински, регионални и државни натпревари по предметите математика, англиски и француски јазик, и има освоено голем број први места.
Сака да плива, да шета во природа и да се дружи. Тој многу ги сака животните и дел од своето време посветува на грижата за нив.
Повеќе фотографии од пробите на Ана и Алексеј:
Погледнете го спотот за Marathon:
А. Ј. | Црнобело