Модата на црвениот тепих на првата вечер на „Макфест“ 2024 (фото)
- Детали
- сабота, 26 октомври 2024
Гламурозни тоалети, 13 нови нумери, но и неповторлива изведба на некои од најголемите макфестовски хитови, кои нè вратија низ времето. CRNOBELO.com беше дел од фестивалските збиднувања на „Макфест“ 2024. Погледнете каква беше атмосферата на првата фестивалска вечер.
Синоќа (25.10.) во Штип, во Домот на културата „Ацо Шопов“ започна 39-тото по ред издание на фестивалот на забавни нумери „Макфест“.
CRNOBELO.com имаше чест да биде дел од претставниците на медиумите што го следат фестивалот и да ви ја пренесе атмосферата од Штип, кој деновиве е целосно во знакот на најстариот музички фестивал на забавни мелодии во земјата.
Првата фестивалска вечер беше отворена со настапот на Вера Јанковиќ, која пред присутните испеа дел од најпознатите мафестовски рефрени.
Додека публиката со нетрпение ја очекува втората вечер и враќањето на фестивалската сцена на некои од поголемите музички имиња, првата вечер традиционално беше посветена на дебитанти од земјата и регионот кои се претставија со своите нумери.
Некои од синоќешните учесници имаа можност за првпат да настапат на голема фестивалска сцена, придружувани од оркестарот на „Макфест“.
А речиси сите од нив се надеваа дека ќе бидат избрани од публиката и од стручното жири да настапат и во рамки на втората вечер, заедно со некои од поголемите музички имиња во Македонија.
Водители на фестивалот беа Марјана Станојковска и Димитар Атанасовски.
Марјана за таа пригода избра раскошна креација со црвени детали, додека Димитар носеше син костум искомбиниран со црна кошула и црна вратоврска.
На црвениот тепих, продефилираа 13-те млади дебитанти кои имаа можност да се претстават со своите нумери, како и повеќе гости на вечерта, членови на тимот од организацијата итн.
Синоќа на фестивалот се појави и Јован Јованов, кој со години наназад живее во Канада, а веќе неколку години е член на уметничкиот одбор на фестивалот.
Тој во далечната 1998-ма година со неговата група „Магија“ победи на фестивалот со истоимената песна, а низ годините бил добитник на голем број други награди и како изведувач, но и како текстописец и продуцент.
По настапот на дебитантите, публиката имаше можност да ужива во настапот на Андријана Јаневска и Ѓоко Таневски кои отпеаја некои од најголемите хитови на „Макфест“.