Ледената Бетика медитираше по 11 часа дневно, со древната техника Випасана: „Им погледнав в очи на најголемите трауми“
- Детали
- четврток, 24 октомври 2024
„Имавме медитации во кои воопшто не смееш да го помрднеш телото, се воздржувавме од зборување, физички контакт, телефони и на почеток ми беа најголем предизвик, поради моите физички повреди чувствував агонија од болка“, вели Бетика, која во 10 дена помина 112 часа во медитација со древна индиска техника.
Откако Бети Котовчевска од Ресен, позната како ледената Македонка Бетика, се искачи на Алпите само во шорцeви, како дел од експедицијата на екстремниот холандски атлетичар, Вим Хоф, таа неодамна се препушти на ново животно искуство.
Станува збор за курс по Випасана, една од најдревните техники на медитација од Индија.
Бетика помина неколку дена во Охрид со група од околу 90 луѓе од цел свет, кои медитираа и се фокусираа на себе и своите мисли.
Во 10 дена, колку што траеше Випасана курсот, Бети помина 112 часа во медитација и себеспознавање.
Таа, заедно со сите членови на групата, стануваше во 4 часот секое утро и денот го почнуваше со медитација. Медитираше и сама и заедно со својата група.
За своето искуство, но и што е всушност Випасана, Бети раскажа за CRNOBELO.com.
„Випасана е процес на самопрочистување преку себенабљудување.
Тоа е техника чија цел е да го искорени страдањето, метод на ментално прочистување што овозможува да се соочиме со напнатоста и проблемите на животот на сталожен урамнотежен начин.
Випасана не е обред или ритуал заснован на слепа вера, ни интелектуална, ниту филозофска разонода.
Не е лекување преку релаксирање, одмор и можност за социјализација и не е бегство од искушенијата и маките на секојдневниот живот“, објаснува таа.
Бетика вели дека и таа и сите што го следеле курсот морале „свесно да се воздржат од убивање на кое било суштество, од крадење, од секаква сексуална активност, од лажење, од користење опојни средства, од јадење после пладне, од користење луксузни кревети, но и од зборување“.
„10 дена одржуваме благороден молк, се воздржувавме од физички контакт, телефони, камери, книги, музика и секаков надворешен контакт за да можеме длабоко да навлеземе во процесот.
Искрено за мене ова беше едно од најпредизвикувачките нешта што сум ги направила во животов.
Дури за ова повеќе се мислев отколку кога се спремав за на експедицијата кога ги искачувавме Алпите во шорц и маичка.
Од едно хиперактивно, енергично, адреналинско дете, прераснав во жена која живее во тишина, молк и мир. Со очите вперени во себе го почнав ова патешествие.
Си размислував дека првите неколку дена нема да ми е лесно, но секој ден беше различен, секој ден на површина испливуваа нови сензации, трауми, болки, слики од минатото, нерешени работи - буквално сè што треба да исплови.
Оваа пракса бара максималната посветеност и дисциплина.
Имав моменти кога сакав да се откажам, но нашиот ум е величенствен и кога ќе се вклучи да работи како некоја машина не престанува и тогаш може да те однесе на многу непосакувани места.
На секој можен начин во секоја нелагодност пробував свесно да се враќам во себеси за да не се откажам.
Со сите тие забрани во ограничениот простор, патев што на само 50m од мене е Охридско Езеро, а не смеев ни да го допрам ни да се капам.
Го прекинав и секојдневното капење со ладна вода, што и беше најголемата пауза што некогаш сум ја направила од вимховиот метод, зашто не смееш никако да ги мешаш техниките.
Но по некој ден почнав да уживам.
Секој ден медитиравме по 11 часа, што воопшто не е лесно.
Во методот што го практикувам, медитациите ги спроведуваме во легната позиција, а тука мораш да бидеш исправена во положба на лотус.
Но, секој ден учиш нешто ново за себе, откриваш многу нешта.
Сакам да кажам дека тишината зборува многу, и сфатив дека оваа пракса е толку благородна што буквално ми помогна да искоренам дел моите најголеми трауми.
Имав тешки моменти, но и многу прекрасни и незаборавни моменти.
По петтиот ден, кога работите ми легнаа, сфатив дека ова е буквален состанок со самата себе и со мојата подлабока свест.
Работев со полн жар и енергија, некогаш со многу солзи и лутина, но секогаш со многу љубов. Го поминав најтешкото за да стигнам до комплетно ослободување на мојот ум и тело.
За ова патешествие да не биде баш најлесно се пријавивме јас и мои 8 другари и другарки, па требаше да се воздржуваме уште повеќе - забранет ни беше контакт.
Покрај целодневното медитирање, имавме медитации во кои воопшто не смееш да го помрднеш телото - тоа се викаше силна одлучност.
На почеток тие ми беа најголем предизвик, со сите мои физички повреди чувствував агонија од болка за на крај да научам дека сè што доаѓа проаѓа и дека не смеам да реагирам на болката но ни на убавите сензации.
Мораш да имаш тотална концентрација и да си го владееш сопствениот ум, тоа ќе те доведе до спознание и прочистување.
Слободно можам да кажам дека Випасана ми го промени животот од корен и сега имам ново гледиште на сè - ако се љубиш себе, ќе можеш да ги љубиш сите останати!
А. Ј. | Црнобело