Славчо Попоски, метеоролог: „Неделава потопло време – температурите ќе се искачат и до 29 степени Целзиусови“
- Детали
- понеделник, 07 октомври 2024
„Во скопскиот регион ќе имаме стабилно, суво, сончево и значително потопло време, повремено со умерена облачност“, вели Славчо Попоски за оваа недела.
По неколкуте релативно постудени, но и врнежливи денови, неделава повторно нè очекуваат повисоки температури.
Иако ќе има ветер, а на некои места и услови за дожд, температурите сепак ќе бидат повисоки од она што е вообичаено за овој период од годината.
Во продолжение, прогнозата на Славчо Попоски за оваа недела:
„Следува период на стабилно, суво и сончево време во Македонија.
Ќе биде и значително потопло, што значи оваа седмица ќе го имаме она што кај нас метео прогнозерите е познато како 'мини лето'.
На средината од седмицава ќе засилува и ветерот од југозападен правец. Мора да напомнам дека повремено ќе имаме појава и на умерена облачност, а само накратко во среда ,и тоа особено во западните предели, ќе има услови за локален дожд проследен со ретки грмежи.
И во скопскиот регион оваа седмица ќе имаме стабилно, суво, сончево и значително потопло време, повремено со умерена облачност.
Што се однесува до температурите, во почетокот на седмицава наутро ќе биде постудено, со минимални температури кои ќе се спуштаат во интервалот од 2 до 11 степени Целзиусови, додека потоа истите ќе бележат тенденција на пораст и ќе се искачуваат во интервалот од 7 до 14 степени Целзиусови.
Што се однесува до максималните дневни температури, и тоа ќе бидат значително повисоки и ќе се искачуваат во интервалот од 22 до 29 степени Целзиусови, особено од средината на неделава.
Во Скопје температурите наутро ќе се спуштаат во интервалот помеѓу 8 и 14 степени Целзиусови, додека максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 22 и 26 степени Целзиусови.
Уживајте во преубавото време кое нè очекува оваа седмица, и покрај тоа што повремено ќе имаме малку повеќе облачност, а во среда и услови за локален краткотраен дожд.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук, freepik.com