Се слави свети Пантелејмон – добар ден за започнување нешто ново, или за заминување на пат
- Детали
- петок, 09 август 2024
Се слави големиот исцелител и светец свети Пантелејмон, кој и со лекови, но и со молитва успевал да ги излечи болните. Кога џелатот замавнал со мечот да го убие, оружјето се скршило како да е од восок.
На 09.08. православните верници го слават празникот посветен на големиот исцелител и великомаченик свети Пантелејмон. Според народните верувања ова е добар ден за нови почетоци, но и за тргнување на пат.
Пантелејмон бил признаен лекар, кој живеел 300 години по Христа, а освен што лекувал со своите лекарски вештини, се верува дека ги исцелувал луѓето и со молитва.
Свети Пантелејмон бил родум од Никодимија, од татко незнабожец и мајка христијанка. Како момче почнал да ја изучува лекарската наука, а благодарение на свештеникот Ермолај, Пантелејмон ја примил христовата вера.
Пантелејмон чудотворно со молитва излечил еден слеп човек кого другите лекари залудно го лекувале, од завист другите лекари го обвиниле дека е христијанин, по што светецот излегол на суд пред царот Максимилијан.
Тој пред очите на царот излекувал еден човек кој боледувал од долгогодишна болест, со што привлекол голем број незнабошци да се свртат кон христовата вера.
Царот го изложил Пантелејмон на тешки маки, но секојпат благодарение на Бога, светецот излегувал цел и неповреден.
Во моментот кога бил осуден на смрт, Пантелејмон клекнал на колена и почнал да се моли.
Кога целатот замавнал со мечот, оружјето се скршило како да било направено од восок. Џелатот не можел да го погуби светецот сѐ додека не ја завршил својата молитва.
Кај нас култот кон Свети Пантелејмон е многу раширен и во негова чест се изградени голем број манастири и цркви во кои православните христијани се собираат за да се помолат за здравје.
Освен што многу семејства го слават како куќна слава, на денешен ден именден слават оние што ги носат имињата: Пантелеј, Панде, Пано, Панка, Панто, Панчо…
Една од најубавите цркви посветени на светецот е во скопско Нерези, која се наоѓа во истоимениот манастирски комплекс и датира од 11-иот век.
Композицијата „Оплакување Христово“ во овој манастир се смета за предвесник на ренесансата.
Во негова чест била именувана и свети климентовата црква, која беше реконструирана во Плаошник во Охрид, а која денес го носи името „Свети Климент и Пантелејмон“.
Прочитајте и Легенди за настанувањето на манастирот Свети Наум – Имале натпревар со Свети Климент, муслимани ја изградиле камбаната
Б. С. Б. | Црнобело