Фризерот Александар од Струмица за дечињата кои донираат коса: „Имаме над 40 донации, сами изразуваат желба“
- Детали
- среда, 31 јули 2024
„Неверојатно е да се види колку луѓе се подготвени да придонесат за оваа идеја – имаме над 40 донации на коса“, вели фризерот Александар Тошев од Струмица во чиј салон одат и деца, и возрасни, со цел да донираат коса за дечиња болни од рак.
Фризерот Александар Тошев е одговорен за преубава иницијатива во неговиот фризерски салон во Струмица.
Досега, во неговиот салон многу деца ја имаат донирано својата коса за дечиња болни од рак.
На неговиот Фејсбук профил, Александар повремено споделува фотографии од дечињата кои ја донирале својата коса, а вели дека често добива донации и од возрасни.
Во изјава за CRNOBELO.com, тој вели дека ја почнал иницијативата само затоа што сакал да им помогне на оние кои се борат со рак.
Александар ни кажа нешто повеќе за хуманата иницијатива која можеби ќе мотивира уште некој да ја донира својата коса или да направи некое друго добро дело:
„Во петте години од отворањето на мојот салон, ја имав привилегијата да работам со разновиден спектар на клиенти, секој со свои уникатни приказни и потреби.
Надвор од мојата иницијатива за донирање коса, јас редовно сум дел од семинари и академии каде што редовно го надградувам моето знаење за нега на коса и лично здравје.
Мојата иницијатива започна во 2019 година, со цел да им помогнам на оние кои се борат со ракот, со тоа што ќе им обезбедам висококвалитетни перики направени од донирана коса.
Сакав да најдам начин да ги поддржам и да помогнам да се врати довербата на оние кои се борат со тоа.
Од почетокот на иницијативата, јас сум среќен што добивам донации од голем број деца и возрасни.
Поддршката од нашата заедница е огромна и охрабрувачка. Неверојатно е да се види колку луѓе се подготвени да придонесат за оваа идеја.
Горд сум да кажам дека имаме над 40-тина донации на коса.
Многу деца избираат да ја донираат својата коса, а тоа често се случува со охрабрување, поддршка од нивните родители, а исто така и од фотографиите кои ги споделувам кога другите деца ја донираат косата.
Во некои случаи, децата излегуваат сами, мотивирани од желбата да им помогнат на другите и да направат разлика“.