Македонец ја запроси саканата од Украина на скопскиот аеродром – латици од рози и натпис на украински
- Детали
- среда, 03 јули 2024
Патниците на скопскиот аеродром вчера (02.07) ги изненади необична глетка - Македонец клекна на колено, во срце направено од латици рози, и ја запроси саканата од Украина, која штотуку слета во Скопје.
Аеродромот во Скопје вчера беше местото на кое се случи романтично запросување - пред излезот од терминалот беа распослани латици од црвени рози во форма на срце, а внатре во срцето, беа напишани буквите Т + Н.
Па кога патниците почнаа да излегуваат од терминалот, откако со авионот слетаа во Скопје, момче клекна на колено и ја запроси својата сакана.
Станува збор за тренерот во одбојкарскиот клуб „Јанта“, Никола Јаневиќ, и неговата девојка Тања Машковскаја, која е украинска одбојкарка, а игра во „Јанта“.
Додека Никола клекнува среде срцето со прстенот во рака, Тања оди изненадена накај него.
Зад нив е натпис на украински, со кој нашиот тренер ја прашува саканата дали ќе го земе за сопруг.
„Тања, викни погласно“, се слуша на видеото кое е снимено во моментот на запросувањето.
Со Никола се и неколкумина македонски одбојкари.
Тие очигледно му помогнале во организирањето на романтичното изненадување, па откако Тања вели „ДА“, заедно со пријателите на парот и луѓето кои случајно се нашле тука за да ги пречекаат своите блиски на аеродромот, аплаудираат и ги поздравуваат.
Повеќе фотографии од запросувањето:
Погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело / фото: Инстаграм Стори