Мал херој: Бебе родено со 690 грама на Гинекологија во Скопје, по 6 месеци поминати во болница, си замина дома
- Детали
- четврток, 06 јуни 2024
Малиот Озан се родил во 6-иот месец од бременоста со тежина од 690 грама, а по 6 месеци борба за живот, конечно ја напушта Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
Бебето Озан е мал херој. На 20-ти декември годинава беше роден со тежина од само 690 грама и со должина од 33 сантиметри, во 24-тата гестациска недела, а по долга 6-месечна борба, конечно си заминува дома.
Како што информираат од Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство, бебето Озан во изминативе 6 месеци престојувал на одделението за интензивна нега и терапија, а болницата ја напушти вчера (05.06) со телесна тежина од 2.400 грама.
„Безмалку половина година ова екстремно прематурче се бореше заедно со лекарите, медицинските сестри и со акушерките и на наша огромна радост херојски ги надмина сите препреки, од кои некои не беа воопшто лесни“ – велат од ГАК.
Инаку, Озан е само едно од повеќето прематурчиња кои во последниве 6 месеци успеаја да се изборат за животот и да си заминат дома во прегратките на своите родители.
„Озан и другите предвремено родени бебиња секојдневно преку борбата за живот покажуваат што значи храброст и колку е вреден животот, со што на медицинскиот персонал му даваат сила да го издржи секој нов ден“ – велат од ГАК.
Б. С. Б. | Црнобело