Денес се слави големиот празник Цветници - Кои се обичаите за овој празник?
- Детали
- недела, 28 април 2024
Овој празник нема постојан датум и секогаш се празнува една недела пред Велигден во спомен на влегувањето на Исус Христос во Ерусалим, кога неговите ученици и симпатизери, со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека, му го постилале патот.
Православните христијани денес го прославуваат големиот празник Цветници.
Празникот го носи името по расцутеното гранче кое Исус го носел во рака при овој свечен чин.
На иконите Исус е насликан како јава на магаре, а неговите ученици и народот му го постилаат патот со цвеќе и облека.
фото: Бигорски манастир
Цветници уште е познат и како Цветоносна недела и Врбица.
Копривата и врбата се сметаат за симбол на празникот Цветници, па се верува дека на овој ден треба да го украсите домот со некое од овие растенија за да внесете среќа и радост.
Обичаи за Цветници
Во минатото младите невести уште рано изутрина собирале цвеќе од селските ливади и правеле китки за секој член од семејството.
Една и најголема китка се ставала пред иконата, за здравје и благосостојба во домот.
Денот пред Цветници е големиот празник Лазарова сабота кога децата се носат во црква, а по вечерната богослужба се осветуваат млади врбови гранчиња.
Од нив се плетат венчиња како спомен на децата кои радосно го поздравувале Исус Христос пред да влезе во Ерусалим.
фото: depositphotos.com
На Цветници трпезата е посна, а дозволено е да се јаде и риба.
На овој ден именден празнуваат: Цветан, Цветко, Цвета, Цветанка...
В. К. | Црнобело