Браво хумани Македонци! Таткото на Кара потврди дека се собрани средствата за испитување во Барселона
- Детали
- среда, 13 март 2024
„Од клиниката во Барселона побараа 22.811 евра, пари кои ги собравме. Тие покриваат 14-дневен престој на Кара во болницата, испитувања и дијагностицирање, а ако треба да се вклучи терапија или да се направат дополнителни испитувања, тоа не е вклучено во сумата“, вели за CRNOBELO.com таткото на Кара (12).
Уште еднаш покажавме дека сме хуман народ, но на Кара сме ѝ сè уште потребни - во моментов не се знае колкава ќе биде точната сума потребна за нејзино лекување.
12-годишната Кара Селовска од Скопје, која боледува од ретка болест која кај нас не може прецизно да се дијагностицира, а со тоа ни да се обезбеди соодветно лекување, наскоро ќе замине на лекување во детската болница Joan de Deu во Барселона.
По апелот на нејзиниот татко, Васе Селовски за донации, собрани се потребните скоро 23.000 евра, пари кои ги донираа хуманите граѓани за да помогнат во лекувањето на 12-годишното девојче.
Сега, во разговор за CRNOBELO.com, тој се заблагодари за донациите, но вели дека нивната борба продолжува и дека најверојатно ќе бидат потребни уште средства за лекувањето на неговата ќерка, но тоа ќе се знае дури откако ќе пристигнат во Шпанија и ќе се направат потребните испитувања.
„Од клиниката во Барселона бараа 22.811 евра, пари кои ги собравме и во моментов се организираме околу патувањето дотаму.
Овие пари покриваат 14-дневен престој на Кара во болницата, испитувања и дијагностицирање. Но, доколку треба да се вклучи терапија, да се направат дополнителни испитувања, тоа не е вклучено во овие средства“, ни кажа таткото на Кара.
Тој вели дека најверојатно ќе се затвори проектот за донации кој беше отворен преку ECrowd. На страницата на првата краудфандинг платформа во Македонија за граѓански организации се собраа околу 311.000 денари.
Телефоните за донации преку мобилните оператори и банкарската сметка отворени за лекувањето на Кара и понатаму ќе бидат активни.
„Дај Боже да не ни требаат повеќе пари и да завршиме сè со ова што е досега собрано, но никогаш не се знае што ќе покажат испитувањата. А доколку останат средства, ние ќе ги донираме за лекувањето на некое друго дете“, рече Васе Селовски.
Семејството на Кара скоро две години пробува да добие прецизна дијагноза за нејзината ретка болест.
Таа во моментов е во Детската клиника во Скопје (веќе два месеца), а била на лекување и во приватна клиника, но, за жал, можностите за нејзино лекување во Македонија се исцрпени, поради што Кара ќе замине на испитување и дијагностицирање во Шпанија.
„Донациите може да се извршат на телефонски броеви или преку донациска сметка и тоа: А1 - 143 464, Телеком: 143 135 или на сметката: 210700000684083 во НЛБ Банка“, стои во апелот на таткото на Кара.
А. Ј. | Црнобело