Славчо Попоски, метеоролог: „Нè очекува вистинска пролет, следната недела температури и до 20 степени“
- Детали
- среда, 13 март 2024
„Времето во следните денови ќе остане топло, со пролетни температури на воздухот. Во најтоплите предели од државата, температурата може да се искачи и до 20 степени“, вели метеорологот Славчо Попоски.
По неколкуте постудени и врнежливи денови, до крајот на март можеме да очекуваме многу потопло време.
Односно, за разлика од лани, годинава ќе ги избегнеме доцните зимски студови и порано ќе ги почувствуваме пролетните температури.
Во продолжение, прогнозата на Славчо Попоски:
„Судејќи според моменталните анализи, направени со помош на најпрецизните прогностички модели, оваа година по сè изгледа ќе изостанат доцните зимски студови, кои се карактеристични за месец март.
Времето во следните денови, односно до крајот на март ќе остане топло со пролетни температури на воздухот кои на многу места ќе надминуваат 10 степени, понекаде тие ќе достигнат и до околу 15 степени, а во најтоплите централни и југоисточни предели, температурата локално ќе се искачи до околу, или близу 20 степени.
Врнежите полека ќе се намалуваат, иако и понатаму повремено и локално ќе има услови за слаби врнежи од дожд.
Уште потопло треба да биде кон крајот на викендот и следната седмица кога температурите понекаде би надминувале и 20 степени.
Појава на утрински мразови не се очекуваат, поради тоа што на повеќе места очекуваме температури малку над нулата“.
Спирова С. | Црнобело
фото: Фејсбук, freepik.com