Илија од беровско Ратево за карневалот што се одржува таму: „Традицијата започнала пред 6 века, а трае и до денес“
- Детали
- вторник, 23 јануари 2024
„Ако се препознае дека има девојка меѓу маскираните, веднаш ѝ ја симнуваат маската и ѝ го црнат лицето со саѓи од селските фурни“ – раскажува за CRNOBELO.com Илија Брндевски од беровското село Ратево. Тој сподели и фотографии од годинешниот карневал и уникатните маски изработени од животински кожи.
Во беровското село Ратево, со векови наназад се негува традицијата да се одржува карневал, познат како Ратевски Бамбурци.
Младиот Илија Брндевски за читателите на CRNOBELO.com сподели повеќе детали од годинешниот карневал и ни појасни од каде потекнува традицијата.
Како што вели, карневалот е стар со векови, а се верува дека традицијата започнала уште во периодот кога Македонија била погодена од епидемии на чума.
„Ова е пагански обичај кој се негува повеќе од 6 векови. На 19-ти јануари вечерта се маскираат сите момчиња и мажи со кожи од овци и кози, со додатоци од рогови, со ѕвонци и клопотарци, во рака со факели и тргнуваат да шетаат низ селото. Потоа се собираат на селскиот мегдан“ – раскажува Илија.
Традицијата налага со кожите да се маскираат само момчиња и мажи, а на девојчињата не им е дозволено да бидат бамбурци.
„Ако бамбурците препознаат дека има девојка меѓу маскираните, веднаш ѝ ја симнуваат маската и ѝ го црнат лицето со саѓи од селските фурни“ – раскажува Илија.
Како што ни појаснува, овој пагански обичај започнал уште во периодот кога селаните боледувале од голем број болести и чума, па со помош на застрашувачките маски верувале дека ќе успеат да ги избркаат болестите и лошите духови.
Ратевци и до ден-денес си ја негуваат традицијата.
Во галеријата погледнете како изгледале маските на Ратевските Бамбурци годинава:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело /фото: Тоше Огњанов
Гласот на Америка, Редакција на македонски јазик