Со Ferrari по четврта европска титула: Иџе го претстави автомобилот за новата тркачка сезона
- Детали
- среда, 13 декември 2023
Ferrari е новиот автомобил со кој нашиот Игор Стефановски - Иџе, европскиот шампион во автомобилизам во ридско-планиски трки, ќе се натпреварува во следната сезона.
Македонскиот автомобилист Игор Стефановски - Иџе, вечерва (13.12) во клубот Intermezzo го претстави автомобилот со кој ќе се натпреварува во 2024-та година - неговото прво Ferrari.
Иџе, кој е трикратен европски шампион во ридско-планински трки, последната, трета титула, ја освои оваа година и тоа со автомобил од марката Hyundai.
Новиот, импресивен автомобил, Иџе го откри пред бројните пријатели, новинари и фанови и ги изненади и нив, но и македонската јавност и вљубениците но авто трките.
Освен што го промовираше автомобилот, Иџе ја прослави и третата шампионска титула, откако пред околу еден месец во Португалија му беше доделен шампионскиот пехар.
На забавата, Иџе не криеше дека е пресреќен и поради освоената шампионска титула, но и од фактот што вгодина ќе се обиде да ја одбрани титулата возејќи Ferrari.
A. J. | Црнобело / фото: А. Ј.