38 дена по раѓањето, четворката од Штип си замина дома: „Леонтина, Михаил, Тодор и Ведран се големи борци“
- Детали
- петок, 01 декември 2023
Четирите мали борци од Штип, кои се родија во 31-вата гестациска недела и имаа околу 1.200 грама, конечно се пуштени од болница и на 29-ти ноември здрави си заминаа дома со своите родители. Вчера (30.11) на Фејсбук профилот на Клиниката за гинекологија и акушерство беа споделени фотки од малите борци.
Четворката од Штип, девојчето Леонтина и трите момчиња – Михаил, Теодор и Ведран, кои се родија на 22.10.2023, конечно си заминаа дома. Бебињата поминаа 38 дена на Клиниката за гинекологија и акушерство, на одделот за интензивна нега.
Таму, за нив се грижеше медицински тим, кој вели дека сите четири деца се вистински мали борци.
На Фејсбук страницата на Клиниката за гинекологија и акушерство беа објавени неколку фотографии од малите херои и нивните родители, кои се пресреќни што целото семејство ќе биде дома.
„Во сигурните раце на мама и на тато, на 29 ноември замина нашата четворка - малата принцеза Леонтина и нејзините тројца браќа Михаил, Теодор и Ведран.
Нашите мали, но големи борци, родени во 31 гестациска недела, си заминаа во добра состојба по 38 дена поминати на одделението за интензивна нега и терапија.
Михаил е роден со 1.170 грама, а дома си замина со 1.860 грама.
Леонтина е родена со 1.100, а ја испративме со 1.810 грама.
Теодор е роден со 1.200 грама, а дома си замина со 1.920 грама.
Ведран е роден со 1.370 грама, а од ОИНТ го испративме дома, во Штип, со 2.000 грама.
Докторите и медицинските сестри и акушерки од Клиниката за гинекологија и акушерство на овие мали јунаци им посакуваат среќно детство исполнето со многу здравје, а на среќните родители Благица и Александар полна куќа детска смеа, многу радости и топлина во домот што ќе им ја донесат овие четири мали сонца“, пишува во објавата на Фејсбук.
Доктор Елена Ѓоргиевска Николовска, која на свет ги донесе Михаил, Леонтина, Теодор и Ведран вели дека е прекрасно чувството сите четири бебиња заедно да се испратат дома и порача дека за сите кои беа дел од оваа среќна приказна, тоа било огромен предизвик.
Бебињата се зачнати со ин витро на клиника во Турција.
Ова е втора четворка од Штип. Првата четворка е родена 1997 година и имаат по 26 години.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





