МВР објави фотографија и опис од Вања Ѓорчевска: „Висока е 175cm, носи протези, има бемка на лицето“
- Детали
- вторник, 28 ноември 2023
Скоро 30 часа откако 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје е видена последен пат, Министерството за внатрешни работи и официјално ја прогласи за исчезната личност.
14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која е видена последен пат вчера наутро околу 7:20 часот, и официјално се води за исчезната. Министерството за внатрешни работи официјално ја стави во регистарот за исчезнати личности и ги објави нејзиното име и нејзина фотографија.
Истакнат е и бројот за итни случаи - 112.
Во описот од регистарот на МВР стои:
ЃОРЧЕВСКА ВАЊА - татко Александар, мајка Зорица, родена на 27.02.2009 година во Скопје каде и живее.
Исчезната на 27.11.2023 година во утринските часови на пат кон ООУ „Песталоци“ во општина Центар, Скопје.
Опис: висина 175cm, тежина 58kg, коса темно кафеава, очи кафеави, носи протези на горни и долни заби, има бемка на десна страна од лицето.
Облечена во син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови, бели патики со кафеави линии. Со себе носи училиштен ранец и мобилен телефон марка Ајфон.
Мајката на Вања, Зорица, ја пријави својата ќерка за исчезната пред повеќе од еден ден. Таа вели дека девојчето вчераутро тргнало кон училиштето и дека тогаш ѝ се губи секаква трага.
Загрижената мајка преку Фејбук побара помош од јавноста да ѝ помогне да ја најде Вања. Кон апелот за помош се придружија и граѓаните не само од Скопје, туку и од градовите низ Македонија, кои споделуваат фотографии од Вања, со надеж дека таа ќе биде најдена што поскоро.
Нејзината мајка за CRNOBELO.com изјави дека и децата од нејзиното училиште и пријателите цело време ја бараат 14-годишната Вања, па дека лепат постери низ Скопје, со надеж дека некој ќе има информација.
Зорица им се заблагодари на сите за помошта, но замоли и да не се шират дезинформации, бидејќи тие не помагаат да се пронајде нејзината ќерка.
Прочитајте и Мајката на исчезнатата Вања Ѓорческа во агонија вели: „Немам сила да зборувам за ќерка ми, другарчињата лепат постери и ја бараат“
А. Ј. | Црнобело