Денес се слави светиот Апостол Матеј – Што треба да направите ако имате долгови?
- Детали
- среда, 29 ноември 2023
Именден слават Матеј, Матеја, Мате... Кој бил светиот апостол Матеј и што треба да направите на овој ден?
Православните христијани денес (29.11) го слават Светиот апостол и евангелист Матеј, кој го напишал Евангелието на еврејски јазик, а кое подоцна било преведено и на грчки јазик.
Се верува дека Матеј го напишал најсеопфатното Евангелие кое опишува настани уште пред раѓањето на Исус, а било напишано 8 години по неговото воскреснување. До нас стигнал само грчкиот превод, додека она на еврејски јазик било загубено.
Се верува дека пред да ја прими христовата вера, Матеј бил цариник (т.е. закупувач и собирач на данокот, или митар) и еднаш кога Исус го видел, го повикал да тргне по него, по што тој станал еден од 12-те апостоли.
Во чест на поранешната професија на Матеј, во народот останало верувањето дека денес е денот кога треба да се исплатат сите заостанати долгови и неплатени даноци. Овој светец исто така се смета дека е заштитник на цариниците, даночниците, банкарите и економистите.
На денешен ден именден слават Матеј, Матеја, Мате...
Чудата на Свети Матеј
По примањето на светиот Дух, Свети Матеј го проповедал Евангелието во Партија, Мидија и Етиопија.
Се верува дека во Етиопија, Матеј ги крстил сопругата и синот на кнезот, заради што го навлекол неговиот гнев. Кнезот првиот пат пратил стражари да го доведат Матеј, но војниците не можеле да го видат.
Вторите стражари, преплашени, се вратиле откако го виделе апостолот кој бил облеан со силна светлина и воопшто не можеле да гледаат во него. На крај, кнезот сам пошол да го бара Матеј, но кога го нашол, апостолот блеснал со толку силна светлина, што владетелот веднаш ослепел.
Но, светиот апостол имал милостиво срце. Му се помолил на Бога и кнезот прогледал - за жал, прогледал само со телесните очи, не и со духовните.
Тој го фатил свети Матеј и го подложил на лути маки. Имено, на двапати запалил голем оган на неговите гради. Но, силата Господова го сочувала жив и неповреден.
Тогаш, апостолот му се помолил на Бога и му го предал својот дух.
Кнезот наредил телото на маченикот да го положат во оловен ковчег, па го фрлиле во морето. Светителот му се јавил на епископот Платон и му кажал за своето тело и за сандакот каде се наоѓаат.
Епископот отишол и го донел ковчегот со телото на апостол Матеј. Кога го видел ова ново чудо, кнезот се крстил и го примил името Матеј.
Се верува дека во целиот свој живот, Свети Матеј не јадел месо, туку се хранел со зеленчук, овошје и житарки.
Б. С. Б. | Црнобело