Нов мурал во Скопје посветен на Александар Џамбазов: Игор упати емотивна порака, Дац и Александар ќе пеат во негова чест (видео)
- Детали
- понеделник, 27 ноември 2023
„Од денес па сѐ до вечноста, овој мурал во Дебар Маало секојдневно ќе нѐ потсетува на мојот татко“ – напиша Игор Џамбазов до видеото од муралот кој никна во центарот на Скопје во чест на Александар Џамбазов. Уметниците веќе се подготвуваат за настанот што ќе се одржи во негова чест.
Во јануари 2022-ра година почина нашиот познат композитор Александар Џамбазов, а сега речиси две години подоцна, во негова чест е направен мурал во центарот на Скопје.
Муралот на македонскиот доајен Александар Џамбазов го краси ѕидот на улица „Орце Николов“ во Дебар Маало, близу Наџак.
Тој е дело на уметниците Драган Китановски-Драш и Марјан Димиќ-Мачка и е своевидно потсетување на музичкиот опус на македонскиот диригент, текстописец, композитор и основач на детскиот фестивал „Златно славејче“.
По повод одбележување на неговото вечно заминување, на 25 јануари 2024-та година општина Центар ќе организира настан со учество на познати македонски уметници и членовите на хорот „Златно славејче“.
Дац и Александар на својот Фејсбук профил објавија кратко видео во кое се гледа како се подготвуваат за настапот заедно со хорот „Златно славејче“, во кое ја пеат песната „Скопје радост ти ќе бидеш“.
Инаку, на својот Инстаграм профил, кратко видео од муралот објави и Игор Џамбазов, кој накратко напиша:
„Од денес па сѐ до вечноста, овој мурал во Дебар Маало секојдневно ќе нѐ потсетува на мојот татко, големиот диригент, композитор и човек.“
Б. С. Б. | Црнобело