Виолинистката Ева Богоевска за романтичното запросување во Мексико: „Антонио ме запроси на една од најубавите плажи во светот“
- Детали
- среда, 26 јули 2023
„Запросувањето искрено не го очекував, иако мојот партнер, Антонио, знаеше дека Мексико е мојата омилена дестинација“ – открива за CRNOBELO.com Ева Богоевска, наша виолинистка која подолго време е во врска со Антонио Костевски, хорнист во Националната опера и балет, а кој ја побара за жена на една од најубавите плажи во светот.
Нашата виолинистка Ева Богоевска (23) неодамна беше во Мексико со нејзиниот партнер Антонио Костевски (35), а на социјалните мрежи сподели видео во кое откри дека тој одлучил да ја запроси на патувањето.
https://www.instagram.com/p/Cuu-hbfA9o7/?hl=en
Во изјава за CRNOBELO.com, Ева откри повеќе детали за патувањето во Мексико, но и за моментот кога Антонио одлучил да ја побара за жена:
„Запросувањето искрено не го очекував, иако мојот партнер, Антонио, знаеше дека Мексико е мојата омилена дестинација. Да ја видам Чичен Ица и цивилизацијата на древните Маи, за мене беше сон уште од дете.
Не можам со зборови да го опишам чувството кога низ дрвјата во Јукатан почнуваше да се наѕира пирамидата која е една од седумте нови светски чуда.
Чувството беше навистина нереално и магично.
Ги посетивме и пирамидите на сонцето и месечината во Мексико Сити, како и древните градови Тулум и Коба. Голем впечаток ми оставија и синотите кои се природни јами кои древните Маи ги користеле за снабдување со вода, а повремено и за жртвени приноси“ – раскажува Ева.
Таа ни откри неколку детали и за моментот кога Антонио ја побарал за сопруга.
„Запросувањето се случи последниот ден на островот на жената (Isla Mujeres), во приквечерните часови во романтичен бар на Playa Norte, која инаку во последните 10 години котира како една од топ 5-те најубави плажи во светот“ – рече таа.
Инаку, Антонио е исто така музичар. Тој е прв хорнист и работи во Националната опера и балет како водач на хорни.
Ева и Антонио се заедно три и пол години, а двајцата се големи авантуристи и заедно постојано одат на патувања каде имаат можност да се запознаат со нови култури и нови земји. Минатата година тие двајца беа заедно во Тајланд.