Стефан Лазаров со Кико, херојот за кој Македонија се сплоти: „Парите се собрани, прекрасни луѓе сте“
- Детали
- вторник, 20 јуни 2023
Храбриот Кико кој страда од ретка болест ги доби парите потребни за неговото лекување во Турција. Веста ја сподели Стефан Лазаров, кој истакнува дека по враќањето, на Кико ќе му требаат пари и за лекови и третмани, па затоа нема да се откажат хуманитарните настани за оваа цел.
Деновиве македонската јавност дозна за Кико – храбро момче со ретка болест на кое му требаат пари за лекување во Турција.
Кико страда од Атаксија-телеангиектазија, а за неговото лекување во Турција се потребни 70.000 фунти (нешто повеќе од 81.000 евра).
На социјалните мрежи масовно се споделуваа апели за помош за храбриот борец, а во акцијата се вклучи и нашиот инфлуенсер Стефан Лазаров.
фото: Фејсбук
Сега, Стефан откри дека неофицијално, парите што му се потребни на Кико се собрани.
„Со големо задоволство и многу сум среќен што можам да го споделам следново. Прво да ви кажам благодарам на сите што се вклучивте во оваа хуманитарна акција за Кико.
Сакам да ви кажам дека е време да ги стопираме телефонските броевите за донации затоа што, неофицијално, парите се собрани“, вели Стефан во видео на Инстаграм.
Тој додава дека иако броевите за донации се во процес на стопирање, хуманитарните настани што се организирани нема да престанат.
„Затоа што сите знаеме дека по враќањето од Турција, дај Боже да биде сè како што треба, на Кико ќе му бидат потребни пари за лекови и третмани и сè тоа што следува.
Следниот вторник има и хуманитарен концерт во Штип. Фала ви од срце на сите и прекрасни луѓе сте“.
Во опис, Стефан ја поздравува хуманоста на Македонците:
„Македонскиот народ се покажа уште еднаш како хуман и колку можеме да бидеме јаки кога сме сплотени. Фала ви од срце“.
Спирова С. | Црнобело