„Првпат водев емисија на 19 години - без искуство, а во живо“ - Лила Филиповска се потсетува на сите свои емисии и квизови
- Детали
- сабота, 24 јуни 2023
Од „Зимско рекреативна програма“ на МРТВ, преку квизот „Енигма“ и забавното „Лила шоу“, па до најгледаниот квиз кај нас, „Сè или нешто“ - кои сè емисии ги водеше Лила Филиповска во нејзината 30-годишна кариера?
Лила Филиповска со право важи за една од омилените водителки кај нас.
Со кариера која трае преку 30 години, исполнета со успешни емисии и квизови за кои се зборува и денес, Лила не знае за падови и неуспех на професионален план.
„Ова се многу убави сеќавања, ме врати во едно убаво време“, вели Лила низ смеа за CRNOBELO.com, кога ја прашавме за емисиите и квизовите што ги водеше низ годините.
Лила ни раскажа за своите почетоци и првите емисии кои ги водела, но и за моментот кога сфатила дека тоа е професијата што ѝ лежи и сака да ја работи цел живот:
Почнав на свои 19-20 години во Зимско-рекреативната програма на МРТВ. Бев на аудиција и поминав, а немав поим кај одам и што правам, тогаш првпат влегов во телевизија.
Им благодарам што го препознаа мојот талент и ме викнаа да бидам дел од таа Зимско-рекреативна програма.
Таму имав своја рубрика, „Тон-бон“ за сè што е спротивно од бон-тон и беше духовито. И мора да ви кажам дека моето прво појавување во емисија беше во живо.
Тогаш сфатив дека е тоа работа што сакам и можам да ја работам, бидејќи јас навистина немав никаква трема, иако знаев дека во моментот ме гледа голем дел од Македонија, бидејќи тоа беше гледана емисија, а други емисии немаше.
Излегов многу сигурна, а луѓето што ми беа претпоставени беа многу изненадени и воодушевени истовремено. Останатото е историја.
А во Сител дојдов, ми се чини, една година по отворањето на телевизијата.
Ме викна Лазе Паковски кој претходно работеше во МРТВ. Ме знаеше од таму и беше еден од тие што го препознаа талентот во мене.
Се сретнавме случајно со Лазе, Филип тогаш уште беше бебе, и тој ме праша: „Дали е можно ти веќе да не се занимаваш со телевизија?“ Ми кажа дека има нешто за мене, ми понуди да направиме пилот емисија. Ако некаде постои таа пилот емисија многу би сакала да ја видам некогаш.
А квизот „Енигма“ уште од почетокот почнав да го водам како да сум го водела 5 години претходно.
Зад себе Лила има голем телевизиски багаж и успешни проекти за кои генерациите зборуваат и денес и тоа: „Несоница“, „Енигма“, „Ѕвездена планета“, „Мојата ѕвезда“, „Ај да те видам“, „Лила шоу“, „Бројки и букви”, „Сè или нешто“.