Девојка од Скопје е невеста со винтиџ шарм на регистрацијата во Германија (фото)
- Детали
- среда, 10 мај 2023
„Идејата беше со винтиџ стајлингот да се вклопиме во целокупниот амбиент на Брауншвајг. Главната општинска зграда во градот, каде што се одвиваат венчавките е прекрасна градба во нео-готски стил од 1864 година“, вели Марија Тодоровска (29) од Скопје за CRNOBELO.com, која беше уникатна невеста на регистрацијата со својот сакан Никола.
Марија Тодоровска (29) и Никола Тодоровски (30), по потекло од Скопје, речиси две години живеат во Брауншвајг, Германија, каде што на 29.04.2023, по деветгодишна врска направија регистрација.
Тие изгледаат уникатно со винтиџ нота во стајлингот, која нè потсетува на едни минати, можеби поромантични времиња.
Традиционалната свадбена прослава и црковна венчавка ќе се одржи во Скопје, но за да ги избегнат „лавиринтите“ помеѓу германската бирократија и македонските институции, одлучиле официјалната регистрација да биде во Брауншвајг.
За овој убав миг од нивниот живот, Марија споделува за CRNOBELO.com:
„На почеток, сметавме дека тоа ќе биде само формалност, но некако спонтано, семејството и најблиските пријатели решија да дојдат и да бидат со нас на тој „наш“ ден.
Една работа водеше кон друга и така се испланира и кратка заедничка прослава, торта, шампањ, цвеќе и секако за сето тоа да биде целосно, потребен беше и бел фустан.
Идејата беше со стајлингот да се вклопиме во целокупниот амбиент на Брауншвајг. Главната општинска зграда во градот, каде што се одвиваат венчавките е прекрасна градба во нео-готски стил од 1864 година.
Веднаш до неа се наоѓа замокот „Данквардероде“ кој што датира од XII век. Оттаму дојде инспирација за фустан во винтиџ стил.
По неколку пробани фустани, случајно наидов онлајн на овој фустан и веднаш откако го пробав знаев дека тоа е фустанот што ми одговара.
Не требаше многу за да се одберат и останатите аксесоари. Чантата со детали од чипка и чевлите од првиот обид ми се допаѓаа како го надополнуваат изгледот.