Детски роденден во кичевско со тема фарма и „направи сам“ проекти со сено, шеќерни јаболка и рурален стил (фото)
- Детали
- сабота, 29 април 2023
„Балоните ги порачав од Ali Express и чинеа околу 550 денари, сталакот, на којшто стоеја, беше изработен од мојот сопруг. Тортата беше дополнета со наши играчки во форма на домашни животни. Нашите соседи беа добри и ни дадоа бали сено декорирано со кокошка, а врз него и фенер“, открива Николина Ангеловска (31) за вториот роденден на синот.
Николина Ангеловска (31) со сопругот Денис и 2-годишниот син Марин животот во град го замени со живот на село.
Ова семејство живее во селото Бигор Доленци, оддалечено 5km од Кичево, кое има само 120 жители, но за нив е совршен дом со мир, спокој, здрава храна и околина и најубаво ѕвездено небо.
Живее во склад со природата, па во тој дух организираше и тематска забава за синот по повод неговиот втор роденден.
Темата е фарма, а Николина сама направила голем дел од работите за роденденот.
Николина за CRNOBELO.com открива:
„Прво, мора да кажам дека родендените за мене се нешто посебно, нешто на коешто најмногу се радувам и со голема возбуда, подготовка и радости ги подготвувам и дочекувам.
Тоа се тие моменти кои ќе ни останат во сеќавање, каде што ги креираме нашите спомени. Семејство, пријатели, дечиња, смеа, зарем има нешто поубаво од такви собири?
Последните неколку години ги правам да се тематски, како за синот, така и за мене и сопругот.
За вториот роденден на нашето синче Марин (12.04) сакавме да е некоја интересна тема и несекојдневна.
Бидејќи од скоро се преселивме во село, веднаш на ум ни падна темата – фарма. Но, морам и да разбијам предрасуди околу ваквите теми дека чинат многу пари и дека не може да си ги дозволи секој, јас тука би рекла дека за една ваква прекрасна роденденска прослава потребно е само време, труд и добра подготовка,.
Секако, доколку платите фирма да го среди сето тоа, верувам дека би чинело многу, но еве во продолжение јас ќе споделам како сама успеав да го реализирам целиот настан и декорацијата во нашиот дом.
За почеток, подготвив план како би сакала да изгледа целата декорација и што сè ми е потребно за истата.