Софија (11) од Прилеп е светски првак во пишување есеи на англиски јазик: „Текстот го напишав сама, цел ми е да ја освојам Олимпијадата“
- Детали
- вторник, 11 април 2023
„Со мојата наставничка Зорица Трајаноска почнавме со подготовки неколку месеци пред натпреварот. Темата за есејот беше зададена извесно време. Есејот го напишав сама со многу љубов, надеж и верба во Бога“ – вели за CRNOBELO.com Софија Златареска, младата прилепчанка која годинава е прогласена за најдобар есеист на англиски јазик во светот.
Пред неколку дена македонската јавност имаше можност да слушне за успехот на 11-годишната Софија Златареска од Прилеп, која на Меѓународниот натпревар по англиски јазик Hippo го освои првото место во нејзината категорија, за пишување есеи.
Софија Златареска има 11 години и е ученичка во петто одделение во Основното училиште „Климент Охридски“ од Прилеп.
Во изјава за CRNOBELO.com таа открива дека освен што учествувала на натпреварот по англиски јазик Hippo, таа досега учествувала и на повеќе други натпревари и конкурси, а освен за јазиците, таа има талент и за природните науки.
„Имам учествувано и на други конкурси и натпревари. На Регионалниот натпревар по математика го освоив третото место оваа година, а минатата година освоив втора награда на Државниот натпревар по природни науки“ – открива Софија.
Софија вели дека годинешната освоена награда на натпреварот Hippo ѝ е поттик и во иднина да се пријавува и да учествува, а цел ѝ е да стигне до финалната рунда и да патува во Италија, каде ќе го освои првото место на Олимпијадата.
„Со мојата наставничка Зорица Трајаноска почнавме со подготовки неколку месеци пред натпреварот. Благодарение на нејзиното вложување, работата, тоа што таа со многу љубов нѐ подготвува, јас и останатите учесници од нашето училиште „Климент Охридски’’ постигнуваме врвни резултати.
Темата за есејот беше ,,Моето искуство или сеќавање од Хипо’’. Ни беше дадено извесно време пред натпреварот, во кое имавме задача да напишеме за нашите искуства со меѓународниот натпревар по англиски јазик Hippo. Есејот го напишав сама со многу љубов, надеж и верба во Бога“ – вели таа.
Софија открива дека за есејот црпела инспирација од приказната за Вања Ѓорѓиоски, ученик во нејзиното училиште кој минатата година не само што бил финалист туку го освоил и првото место на Олимпијадата што се одржала во Италија, Рим.
Б. С. Б. | Црнобело