Милош Биковиќ глуми во првиот филм што се снима во вселената: „Човештвото повторно ги поместува границите“ (фото)
- Детали
- четврток, 06 октомври 2022
Милош Биковиќ полека чекори на патот кон светска слава, а сега откри дека ќе биде дел и од првиот филм што се снима во вселената. Српскиот актер сподели повеќе фотографии, меѓу кои и една во која се наоѓа во вселенско летало.
Српскиот актер Милош Биковиќ (34) постојано ги изненадува своите обожаватели на Инстаграм со фотографии од филмските проекти на кои работи.
Додека македонската публика со нетрпение очекува да ја погледне втората сезона од хит серијата „Јужни ветар“, актерот се пофали дека во моментов работи на нов проект во Русија, кој делумно се снима и во вселената.
„Човештвото повторно ги поместува границите. Не можам да опишам колку ми е драго што сум дел од овој исклучителен филм. Филмот „Предизвик“ ќе влезе во енциклопедиите иако сѐ уште не излегол на малите екрани“ – вели Биковиќ до фотографиите.
Инаку, филмот „Предизвик“ („Вызов“) треба да излезе во април 2023-та година и воедно тоа е првиот филм што некогаш бил снимен во вселената, односно на Меѓународната вселенска станица.
Во моментов се снима вториот дел од филмот, а снимањето се одвива во Тренинг центарот за космонаути „Гагарин“ и во санаториумот Вороново.
„Чест ми е што сум дел од овој проект. Не само заради тоа што ова е прв филм што се снима во вселената, не само затоа што ова е уникатен филм што ќе остане запишан во историјата и затоа што моите колеги го направија невозможното, туку затоа што „Предизвик“ има мошне добра приказна“ - рече тој за руските медиуми и додаде дека тоа е филм за луѓето, за нивната верба, за надминувањето на сопствените стравови и секако за љубовта.
Погледнете ги фотографиите што ги објави актерот на својот Инстаграм профил:
Б. С. Б. | Црнобело