Уникатна слаткарница во Србија – нуди сладолед со вкус на ајвар, ракија и сирење
- Детали
- сабота, 24 септември 2022
Да, добро прочитавте! Постои слаткарница во Белград на улицата Маршала Бирјузова каде што можете да пробате сладоледи со уникатни вкусови.
Во својата слаткарница во строгиот центар на Белград, покрај ванилата и чоколадото, кои се класика, господин Верољуб прави и сладолед од дренка, круши и сливи.
Има и уникатни сладоледи и тоа од ајвар, сирење, ракија и бело вино. Дали би пробале?
Тој со насмевка за српските медиуми раскажува:
„Секогаш отворено кажувам, со овој занает почнавме да се занимаваме од чист очај, немаше работа во струката. Мојата сопруга сакаше слаткарници, јас знаев италијански, па решивме да пробаме.
Отидовме во Италија, посетивме неколку слаткарници, ја отворивме нашата прва во Нови Сад во 1991 година и оттогаш почнавме да учиме сами и од мајстори за сладолед од Италија кои дојдоа кај нас.
Првите 10 години беа тешки, следните 20 си играв со вкусовите, уживам да создавам вкусови на сладолед од сезонско овошје од нашите простори, но и некои необични комбинации, па дури и речиси незамисливи комбинации на храна со сладолед. Направив српски сладолед, подобар од италијанскиот!“
Покрај техниката и тајните на занаетот, Италијанците ги научиле и на работна етика, почитување на врвниот квалитет.
Во нивните сладоледи ќе откриете интензивни, вистински вкусови: круша, дренка, тиква, но и ф'стаци, лешник и ванила. Нема вештачки вкусови, а ако е овошен сладолед, околу 40% од овошјето оди во него и тоа само кога е во сезона.
Тука можете да отидете и со вашето куче, бидејќи во оваа слаткарница се служи и сладолед за кучиња, со вкус на диви боровинки и јогурт со фруктоза, а тие го обожаваат!
M. Г. | Црнобело