Зошто плажата Посиди каде исчезнаа момчињата од Македонија е опасна и уште 6 најопасни плажи во Грција
- Детали
- понеделник, 11 јули 2022
Едни се опасни заради силните морски струи, други заради непристапниот терен, а трети се најдоа на „црвената листа“ заради присуството на опасни бактерии и фекални води. Кои се најопасните грчки плажи, според грчкиот весник „Етнос“?
По драмата што се случи на првиот крак на Халкидики на Посиди, кога тројца македонски државјани исчезнаа, од кои двајца беа пронајдени, а по еден сѐ уште се трага, грчките медиуми објавуваат листа на најопасните плажи во земјата.
Според појаснувањата, плажата Мити на Посиди важи за мошне опасна, затоа што таму се спојуваат Солунскиот Залив со Егејското Море, а заради плимата и осеката обликот на плажата во целост се менува, но се менува и движењето на морските струи.
Имено, самото име на плажата „Мити“ се врзува за врвот на плажата што се менува под влијание на климатските услови.
Кога дува јужен ветар врвот се свртува кон местото Посиди, а кога дува северен ветар, тогаш врвот на плажата се свртува кон Солунскиот залив.
Грчките медиуми пренесуваат дека момчињата по роденденската забава влегле во водата и стасале до точката (врвот) каде пливањето е најстрого забрането и каде морските струи се мошне опасни. Инаку, освен со бродови и хеликоптери во потрагата по третото момче е вклучен и подводен дрон.
Иако Грција е позната по релативно мирните води, сепак при одредени климатски услови, голем број плажи во Грција се затвораат за посетители, а грчкиот весник „Етнос“ направи листа на седумте најопасни плажи во земјата, каде треба да бидете особено внимателни.
Лаларија (Скијатос)
Плажата Лаларија на Скијатос важи за една од најубавите плажи, препознатлива по карпите во форма на лак (Trypia Petra) во кристално сините води и белите камчиња.
Сепак, ова истовремено е една од најопасните плажи во Грција.
Прво затоа што до неа може да се дојде само по воден пат, а кога дува ветер од северен правец, брановите достигнуваат по неколку метри во височина.
Освен тоа во вакви временски услови се создаваат и бранови во спротивен правец што се опасни за капачите, но и за малите бродови.
На оваа плажа имало повеќе инциденти, со туристи што останале заробени на плажата до кои и по неколку часа не можеле да стигнат спасувачките екипи.
Матала (Крит)
Под налет на силните ветрови, плажата Матала на островот Крит веднаш се затвора за посетители. Најчесто морските бранови ја поплавуваат плажата, а спасувачите веднаш предупредуваат на опасноста.
Особено се внимава да нема останати посетители во морските води, затоа што силните морски струи може да ве повлечат и да се најдете во Либија.
Нас (Икарија)
Во северниот дел на островот Икарија е сместена плажата Нас, позната по големиот број фестивали и забави.
Сепак, ова важи за една од најопасните плажи затоа што нагло се зголемува длабочината на плажата, а силните северни ветрови креираат силни морски струи што наликуваат на вртлози.
Токму поради овие струи, плажата е позната дестинација за сурфери, но ризикот по човечкиот живот во такви временски услови е огромен.
Хорефто (Пелион)
Плажата Хорефто на островот Пелион е една од најпознатите долги плажи во Грција со своите песочни плажи и карпести предели, но за време на северните ветрови станува мошне опасна.
Големите бранови го прават пливањето невозможно, а длабочината на плажата нагло се зголемува, морските струи веднаш може да ве повлечат и затоа пред да ја посетите оваа плажа задолжително треба да ја проверите временската прогноза.
Платиа Амос (Кефалонија)
Оваа плажа беше една од најпознатите на Јонското Море, а во моментов е целосно затворена за посетители.
До плажата опкружена со огромни карпи се стигаше преку 400 скалила исклесани во карпите (што на враќање треба да ги искачите) но бистрите сини води и белите камиња ја правеа оваа плажа една од најубавите.
Во 2014-та година заради силните дождови голем број од скалите се урнаа, а по земјотресот од 2017-та година во моментов се останати само околу 30-тина скалила. Оваа плажа не крие опасности со длабочината и морските струи, туку заради тоа што за да стигнете до неа во моментов мора да сте искусен планинар.
Калами (Китира)
За да стигнете до плажата Калами потребно е да поминете голем број стрмни и лизгави карпи. Доколку не сте искусни планинари и немате соодветна опрема со вас, обидете се да го поминете денот на некоја друга (побезбедна) плажа во близина.
Бонус: Плажи во Атика затворени заради опасни бактерии
Додека голем број плажи се опасни заради силните морски струи и непристапниот терен, една година пред светската пандемија во 2020-та година голем број плажи во Атика беа затворени заради опасно присуство на бактеријата Ешерихија Коли, како и присуството на фекални води.
Годинава, плажите околу Атика, пак, кријат нова опасност – според мапата објавена од страна на грчките власти, во овој регион забележително има најголем број на виолетови медузи.
Б. С. Б. | Црнобело