Искрена исповед на Србинка: „Се преселив во Германија затоа што не сакам море на рати и врски кај доктори“
- Детали
- среда, 14 јули 2021
„Јас од Србија си отидов поради неможноста пристојно да живееме без разлика што и да работиме. Никако море на рати, позајмица до следната плата, зимски чизми на рати... За мене пристоен живот значи и дека не ми требаат врски за на лекар, за во детска градинка или за вработување...“ Што мислите дали и Македонците се селат од истите причини?
Наташа Дениќ е Србинка, која живее во Германија, и која на својот Инстаграм профил „Печат живота“ постојано споделува здрави рецепти и порачува дека здравото тело и здравите мисли значат здрави луѓе.
Инспирирана од една Инстаграм објава на друга Србинка која говори зошто се отселила од родната земја во Германија, Наташа остави личен коментар кој ја дава суштината на тоа што многу луѓе си заминуваат како од Србија, така и од кај нас.
Искрената исповед на Наташа Дениќ:
„Јас од Србија си отидов поради неможноста пристојно да живееме без разлика што и да работиме. За мене пристоен живот значи финансиски комплетно безгрижен живот. Никако море на рати, позајмица до следната плата, зимски чизми на рати и ај ти плати го пијалакот, јас немам денес.
За мене пристоен живот значи кога службеничката во општина, сестрата на приемно, полицаецот на улица и сите останати лица во служба на државата ме почитуваат без оглед на тоа која сум и што сум.
За мене пристоен живот значи ако останам без работа државата да ми помогне, а не да гладувам, да се чувствуам беспомошно и да паѓам во очај. За мене пристоен живот значи дека не ми требаат врски за на лекар, за во детска градинка или за вработување. И уште многу исполнети услови за тоа што претставува еден пристоен живот. И поважно ми е како живеам, отколку каде живеам.
Германија ми понуди повеќе од што воопшто можев да замислам. Нивниот систем треба да им послужи како пример на другите земји. И да, и тоа како има убав живот во Германија. Поубав од што многу наши луѓе замислуваат.
Се разбира, ако знаеш да го живееш, затоа што благодарам на Бог, од својата работа го можеш тоа. Да патуваш, да излегуваш, да се храниш како сакаш, да си дозволиш сè што ти е потребно, да ги израдуваш најсаканите и да си исполниш некои свои стари желби. Единствена носталгија ми се блиските луѓе.
С. С. | Црнобело