Прекрасен гест на српско училиште во чест на Балашевиќ: „Ќе направиме парк со 68 багреми, оние за кои пееше“
- Детали
- понеделник, 22 февруари 2021
„На просторите на поранешна Југославија не постои некој кој не бакнувал, танцувал, тагувал, плачел, лудувал на песна од Балашевиќ, или барем да се наежил“ – изјавува директорот на училиштето во близина на Ниш кое ќе му оддаде почит на Ѓорѓе со парк посветен на него.
фото лево: Фејсбук - Ѓорѓе Балашевиќ / фото десно: Фејсбук на училиштето
Смртта на легендарниот Ѓорѓе Балашевиќ остави тага насекаде низ просторите на поранешна Југославија, а луѓето му оддаваат почит на секој можен начин.
Основното училиште „Бранислав Нушиќ“ кое се наоѓа во близина на Ниш, изненади со прекрасен гест – во школскиот двор ќе направат парк со 68 багреми, како оние за кои тој пееше, а бројот на багреми е одбран како симбол на неговата возраст – Ѓорѓе почина во 68-мата година од неговиот живот.
фото: Фејсбук на училиштето
„Не верувам дека на просторите на поранешна Југославија постои некој кој не бакнувал, танцувал, тагувал, плачел, лудувал на песна од Балашевиќ, или барем да се наежил. Ја имаме таа привилегија дворот да ни е ботаничка градина и заради своите садници е позната и надвор од границите на нашата земја.
Одлучивме да посадиме 68 садници на бел багрем, унгарски, оној за кој тој пееше, и еден дел од дворот ќе го претвориме во Парк на Ѓорѓе.
Причини за ова има премногу. За еколошките и едукативните не мора да зборуваме, а покрај нив, ќе му оддадеме чест на Балашевиќ и на сите оние кои настрадаа од ковид-19, ќе имаме поздрав воздух и ладовина на местото каде што некои нови клинци ќе се заљубуваат, одљубуваат, ќе се сакаат и ќе учат“ – изјавил за српските медиуми Марко Ристиќ, директор на училиштето.
фото: Фејсбук на училиштето
М. М. | Црнобело