Двајца партнери ја изневериле, по силниот земјотрес во Турција исчезнала - Детали за животот на актерката Џансу Дере
- Детали
- сабота, 01 јуни 2024
Најбогатата турска актерка која ја гледавме во сериите „Езел“, „Сила“ и „Сулејман Величествениот“ претрпела љубовни бродоломи, а по силен земјотрес во Турција долго се трагало по неа - што знаеме за животот на Џансу Дере?
Џансу Дере (43), која во Македонија се прослави со улогите во сериите „Сила“, „Езел“, „Сулејман Величествениот“ и „Мајка“, со години е позната како една од најубавите турски актерки која каде и да се појави привлекува внимание со нејзината витка фигура и шарм.
Џансу се вбројува меѓу најплатените актерки не само во Турција, туку и во светот.
Родена е во Анкара, нејзиниот татко е Турчин кој потекнува од Бугарија, а нејзината мајка е Турчинка која потекнува од Грција.
Покрај бројните актерски ангажмани, Џансу се занимавала и со манекенство.
Во 2000 година била прогласена за Мис Турција.
Џансу има учествувано на ревиите на најпознатите турски модни дизајнери, а настапувала и на неколку модни ревии во Париз во 2002 и 2003 година.
Својата манекенска кариера ја прекинала поради тригодишното снимање на серијата „Езел“, која ѝ донесе огромна слава.
Паралелно со манекенството, студирала археологија на Универзитетот во Истанбул, но никогаш не дипломирала.
Иако на професионален план ѝ се исполниле многу желби, на љубовен никогаш не ѝ цветале рози.
Долго време била во врска со турскиот комичар Ќемо Јилмаз, а некое време биле и верени.
И токму кога се чинело дека конечно ќе се венчаат, комичарот ја изневерил со нејзината најдобра пријателка, со која подоцна добил дете и се венчале.
Џансу одлучила да започне љубовна врска со својот менаџер, но и тој имал љубовна афера со друга жена додека бил со неа.
После овие две медиумски проследени, љубовни бродоломи, Џансу одлучила својата приватност да ја држи подалеку од очите на јавноста.
Турската јавност беше многу загрижена во февруари минатата година, кога Турција и Сирија беа погодени од земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, а Џансу чија куќа се наоѓаше токму во епицентарот, долго време не се огласи во јавност.
Набрзо на социјалните мрежи се појавија видео снимки на кои се гледа како познатата Турчинка им помага на луѓето кои останале без своите домови.
Актерката денес може да се пофали со статус на инфлуенсер и амбасадор на многу познати брендови, што дополнително ја зголемува нејзината и онака раскошна сума на банкарската сметка.