Влезе како резерва и победи: Кој е Бејби Лазања, хрватскиот претставник на Евросонг?
- Детали
- понеделник, 26 февруари 2024
Победникот на хрватскиот натпревар за Евросонг, Бејби Лазања, преку ноќ ја освои евровизиската сцена. Уште кога првпат настапи со песната „Рим тим таги дим“, Хрватска се најде на третото место на обложувалниците, веднаш зад Украина, а заедно со Италија.
Бејби Лазања, чие вистинско име е Марко Пуришиќ, случајно влезе на „Дора“, хрватскиот натпревар за Евросонг, и победи. Жирито на HRT не го вклучи во листата на учесници за „Дора 2024“, туку тој беше прва резерва.
Па, откако од натпреварот се откажа пејачката За За, Бејби Лазања влезе на натпреварот - и победи.
Тој oсвои 247 поени од публиката и 74 од стручното жити, со што извојува убедлива победа пред второпласираниот Винко, кој имаше вкупно 82 поени (од жирито и публиката заедно).
На трето место беа ланските победници Лет 3, на чиј настап се појави Северина.
„Фала на сите што гласавте. Иако песната добиваше гласови од жирито, си велев дека ништо не е готово додека не го прогласат победникот.
Не размислував за победа, само сакав да се претставам во најдобро светло“, рече тој, откако го прогласија за победник.
Победата ја посвети на семејството.
Што знаеме за Бејби Лазања?
Марко Пуришиќ има 29 години и е 29-тиот хрватски претставник на Евросонг, кој годинава ќе се одржи во Малме на 7, 9 и 11 мај.
Музичката кариера ја почнал пред 13 години, кога имал 16, но поголемиот дел од хрватската јавност првпат го виде на „Дора“.
Иако на музичкото натпреварување влезе како резерва, по објавувањето на песните веднаш стана фаворит за победа.