Неверојатната приказна на Србинката Милица: Татко ѝ ѝ донирал бубрег за да преживее, стана мајка 7 години по трансплантацијата
- Детали
- четврток, 05 октомври 2023
Србинката Милица Цветковиќ Трајковиќ (38) отсекогаш сакала да има дете. Поради здравствени компликации како дете, стигнала до дијализа на бубрезите, а патот до мајчинството ѝ бил отежнат. Но, благодарение на својот татко, кој ѝ донирал бубрег во 2015, Милица конечно стана мајка.
Милица од Врање на 12 години добила гнојна ангина. Наместо со антибиотици, земала народни лекови, а нејзините родители се надевале дека болеста ќе помине сама од себе.
По некое време кренала висока температура, а во урината ѝ се појавила крв. Испитувањата што ги направиле покажале дека бубрезите ѝ се оштетени.
Докторката ѝ кажала дека постојат компликации, но дека може да се појават дури кога ќе биде старица.
„Сепак, бубрезите откажаа порано, работеа нормално само до мојата 28-ма година“, раскажала Милица за „Telegraf.rs“.
Таа редовно земала терапија додека била дете. Но кога запишала виша школа и престанала да оди на Детската клиника во Белград, го прекинала и лекувањето, а тоа довело до компликации.
„Ми кажаа дека треба да најдам нефролг за возрасни во Белград, но јас не отидов на лекување. Затоа и порано настанаа компликациите.
Кога ќе почнат проблемите со бубрезите, нема назад. Тоа е прогресивна болест и важно е да не се оштетат. Но, кога ќе се оштетат, неопходна е трансплантација“.
Иако се чувствувала добро, испитувањата покажале дека има значително зголемени вредности на креатинин. Лекарите ѝ кажале дека дури и малку поголема настинка може да ја влоши состојбата, а дека таа ќе мора да почне со дијализа.
Тогаш заминала во Ниш, каде што ја запознала својата докторка, која ѝ препорачала наместо да оди на дијализа, да почне да се подготвува за трансплантација на бубрег.
Анализите покажале дека таа и татко ѝ имаат иста крвна група, а докторката од Ниш очекувала и типизацијата на ткивото да биде добра. Но, постапката била долга и напорна за двајцата.
Тие правеле прегледи на забите, срцето, гастроскопија, на крвните садови, бешиката и слично. Нему му го мереле бубрегот, а на Милица карлицата за да проверат дали бубрегот ќе може да се смести во нејзиното тело.