„Мојот прадедо бил војвода со Гоце Делчев, а јас сакам да ги истражам своите македонски корени“ – Милош Биковиќ за кариерата и животот
Како ги полниш тогаш батериите? Наоѓаш ли време за себе?
Јас мора да отидам некаде, да се тргнам некаде, да си ја одземам сам на себе можноста да правам што било освен да одмарам.
Па одам на патување, носам книги, и тоа ме опушта. Тоа ми помага да се дефокусирам од сè.
Искрено, би можел и почесто, ама и вака не е лошо.
Колку е важно да имаш покрај себе партнер што ќе ја разбира твојата професија, долгите отсуства, снимањето љубовни сцени?
Многу е важно, да, важно е, затоа што луѓето со кои живеете и кои се дел од вашето семејство, стануваат дел од вашиот идентитет.
Дали ги читаш своите интервјуа или работите што се пишуваат за тебе? Како реагираш на невистините што ги читаш?
Главно не реагирам на невистините и измислиците, а се пишуваат скоро секојдневно.
Јас се трудам да се појавувам во медиумите кога имам проект за кој зборувам или кога е во прашање промоција на културата или уметноста – кинематографија или театар, или некој хуманитарен настан.
Тоа е единствената причина да се појавам во јавноста, а која мислам дека вреди. Сè останато ми делува како некој егзибиционизам кој не сакам да го правам.
Во Белград ги доведе Џони Деп, Ерик Робертс, Вилијам Болдвин, неколку руски ѕвезди... Дали Србија полека станува едно од најпопулаерните места за снимање филмови?
Мислам дека Белград, па и Србија, во таа смисла расте и се развива.
Мислам дека нашиот регион е еден неоткриен бисер кој има многу потенцијали. Но, мислам дека тој процес оди многу бавно.
Еве, ако постои нешто важно во ова наше интервју, мислам дека ова е најважната реченица – ние тука немаме чувство за животна мисија да создадеме нешто поголемо од нас.
Имаме само жалопојќи, дека нешто поголемо не постои или дека нешто пропаѓа. Но, животната сила не ни е насочена кон тоа да создадеме нешто подобро.
Всушност, сè повеќе луѓе се ориентираат кон тоа животен повик да им биде создавање вредности, креативности, уметност, култура, одговорност, но и понатаму критичната маса размислува за некаква парадигма за задоволување на своите мали потреби и стравови.
И понатаму не размислуваат за можноста да создадат чудо. Не веруваме во чуда и не ги создаваме, а се и тоа како можни и многупати ни се случуваат.
Затоа и мислам дека промените што се случуваат се случуваат бавно и мислам дека не правиме доволно да ги забрзаме, а мислам дека можеме.
„Предизвик“, филмот што го промовираш периодов, испиша историја како прв филм што е сниман во вселената. Какво беше чувството кога го гледаше во кино на премиерата, од аспект на гледач?
Уф, беше неверојатно. Од една страна затоа што знаеш што и како се работеше и свесен си за сè што се случуваше додека траеше снимањето, а од друга страна што некои работи ги доживуваш првпат и сфаќаш колку е тоа реално и моќно, и колку не си бил свесен за големината на филмот и на целиот подвиг додека траело снимањето.
А од друга страна се гледам себеси и си велам: „Ама чекај, па мислам дека ова го одглумив и подобро, зошто го зеле овој кадар?“.
Или, имаше сцени на кои не се ни сеќавам дека сме ги снимиле, бидејќи снимањето е долг процес за кој не си ни свесен дека си го поминал.
Ама, вака кога се гледам во кино, си велам, па и не сум Бог знае каков актер, ха, ха, ха.
Дел од сцените се снимени во авион во слободен пад, каде што си во бестежинска состојба, а потоа и во центрифуга каде што те вртат со огромна брзина за да ги тестираат твојата спремност и способност. Колку се тие сцени реални, и дали е тоа можеби најтешкото нешто што си го направил досега како актер?
Прво, кога ја прифатив улогата, знаев дека ќе има предизвици, но не бев свесен дека ќе бидат толку големи.
Ние имавме тренинг со хирурзи пред снимањето и учевме како се држат инструментите, па кога снимавме, дури и во таа бестежинска состојба, за да го правиме тоа правилно, како да изведуваме операции цел живот.
А потоа те ставаат во авион што додека лета, почнува да паѓа во слободен пад и ти одеднаш доаѓаш во бестежинска состојба каде што сè околу тебе лебди, лета, ти не можеш да застанеш.
И тоа трае околу 40 секунди. Сцената ја преснимавме 20 пати и беше неверојатно.
Додека трае слободниот пад е добро, но кога авионот ќе се стабилизира и почнува да лета, буквално те лепи за ѕид и ако имаш 80 кила, се чувствуваш како да имаш 160.
Што се однесува до центрифугата, сцената е реална, исто како што и сè останато во филмот е реално, со таа разлика што не ме вртеа со брзина од 8Г како што е прикажано, туку застанаа на 4.
За да те пуштат на 8Г прво треба да одиш на испитувања и скен на мозокот, бидејќи постои опасност да ти се откачи тромб или нешто, но ние не ги правевме испитувањата и застанавме на 4.
Дали успеа да си ги исполниш детските соништа и некои од работите за кои мечтаеше како мал?
И понатаму сум мало дете. Јас и понатаму сонувам. Многу работи се пред мене и допрва треба да ги остварам.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
Фото: CRNOBELO.com / Инстаграм Милош Биковиќ