„Сцените кај што ме вртат во центрифуга се вистински“ - Милош Биковиќ во Скопје, откри како се снимал филмот „Предизвик“
- Детали
- четврток, 11 мај 2023
„Во моментот кога авионот ќе те „залепи“ на таванот, тогаш тежиш дупло повеќе од нормалната тежина. За време на снимањето на првиот филм снимен во вселената, на актерскиот тим му откажал системот за спојување со Меѓународната Вселенска Станица, па за малку немало да се спојат“ - овие детали ги откри актерот Милош Биковиќ, кој денес гостува во Скопје, за да го промовира своето најново актерско остварување.
Српската ѕвезда Милош Биковиќ денеска е првпат во Скопје. Познатиот актер дојде во киното Cineplexx да го промовира својот филм „Предизвик“, првиот филм снимен во вселената.
Милош Биковиќ беше пречекан со еуфорија, а многуте обожаватели на актерот дојдоа и неколку часа порано за да застанат во првите редови и да можат да се фотографираат со една од најголемите ѕвезди во регионот.
Милош одржа прес конференција каде пред македонските новинари зборуваше за искуството и снимањето во авион во бестежинска состојба, но и за овој историски подвиг во светската кинематографија.
Како што рече во своето обраќање до новинарите, сите сцени во филмот се реални.
„Сцената во која ме вртат во центрифугата е вистинска, со тоа што не ме пуштија на 8G како што е тоа во филмот, туку до 4G. Не може да ме пуштат на 8 без претходно да се направи скен на мозок бидејќи нешто може да ти пукне. Затоа бевме многу внимателни“ - појасни тој.
На прашање на CRNOBELO.com, Милош појасни со какви предизвици се соочил за време на снимањето на оваа сцена.
„Не бев свесен за предизвиците со кои што ќе се соочам за време на снимањето, бев подготвен, но не очекував дека ќе се соочам со толку голем број на предизвици.
Откако го изгледав филмот тогаш станав свесен за сè што сме направиле.
Затоа што авионот лета до одредена височина, па потоа има повеќе метри во слободен пад за да лета нормално, и имаш многу кратко време и мораш да ги фатиш инструментите како вистински хирург“ - вели Биковиќ.
Тој појасни дека за време на подготовките имале консултации со вистински хирурзи од торакална хирургија кои ги упатиле во тоа како треба правилно да се држат инструментите, а како што рече, во моментот кога авионот ќе те „залепи“ на таванот, тогаш тежиш дупло повеќе од нормалната тежина.
На прашањето како се чувствувал за првпат кога го погледнал филмот со публиката во кино салите, тој вели дека бил многу возбуден и горд на сè што направиле и на историскиот подвиг што го оствариле.
На прашање на CRNOBELO.com за тоа колку бил тежок процесот на снимањето на самиот филм „Предизвик“, со оглед дека ова е прв филм што воопшто бил снимен во вселената, Милош откри дека им откажал системот за спојување со Меѓународната Вселенска Станица, па за малку немало да се спојат.
Режисер на филмот е Клим Шипенко, кој заедно со актерката Јулија Пересилд беше во Руската вселенска станица и таму ги сними кадрите за овој фантастичен филм.
Милош на прес конференцијата откри дека актерката планира да напише книга за нејзините искуства и за тоа како ѝ било додека била во вселената.
Освен Биковиќ и Пересилд, во „Предизвик“ глумат и Владимир Машков, Пјотр Дубров, Јелена Ваљушкина и други.
Македонската премиера е закажана за 11 мај од 19.30 часот, по што филмот ќе се најде на редовниот репертоар на Cineplexx.
A. J. | Црнобело