Лазе Димовски: „Изработувам срциња од сипорекс цигли - ми се чудат како имам нерви за тоа“
- Детали
- понеделник, 20 февруари 2023
„Од алат користам само метро, скалпел, молив, пила и шмиргла. Има моменти, некогаш додека изработувам, да дојде некој другар и додека ме гледа како ги работам да искоментира дека тој за тоа нема нерви да го прави, но за мене самиот процес ниту е тежок, ниту нервозен – туку претставува задоволство“, споделува Лазе Димовски (39) од Скопје за CRNOBELO.com.
Лазе Димовски (39) од скопската населба Радишани во Скопје, има креативно хоби - изработка на срциња од сипорекс.
Секогаш сме за креативни луѓе и уникатни рачни изработки, па затоа го исконтактиравме да ни сподели детали за своето хоби.
Лазе открива за CRNOBELO.com:
„Идејата за вакво нешто ја добив пред 7-8 години, мислејќи како од обична цигла да направам нешто убаво, а да е тоа уникатно и да биде супер подарок, и да ми донесе некаков тип на заработувачка, бидејќи сè е рачно изработено и се вложува труд и напор да биде сè како што треба.
Пред да одлучам што ќе изработувам пробав повеќе варијанти и сфатив дека формата на срцето е тоа што треба да го изработувам.
Како што напоменав, ги изработувам од сипорекс цигла, а од алат користам само метро, скалпел, молив, пила и шмиргла.
Сипорексот е материјал којшто дава можност за обработка без некои посебни машини и алати.
Сè што треба е да се застане пред него, да се знае што и како треба да се изработи и секако желбата да излезе преубаво рачно дело.