Запознајте ја ледената Македонка Бетика - крши мраз и плива, се капела во Лапонија на -33°C (фото)
- Детали
- четврток, 16 февруари 2023
„На 18 години ме прегази автомобил, животот ми беше уништен, бев во депресија и качив 20kg... Но, најдов лек во влегувањето во ледени води. Мојот личен рекорд е капење на -33°C во Финска, Лапонија, каде што живеев 2 години. Во Македонија кршам замрзнати езерца за да влезам. Идол ми е Вим Хоф и го следам неговото учење“, споделува Бети Котовчевска – Бетика (27) од Ресен за CRNOBELO.com.
Бети Котовчевска (27) од Ресен, по професија нутриционист, позната е како Бетика – ледената Македонка.
Таа го следи примерот и делото на Вим Хоф, екстремен холандски атлетичар, кој е светски познат како Ледениот човек (The Iceman).
Бети вели дека има авантуристичен дух и секојдневно се пронаоѓа и во многу разни области, кои наизменично ги изучува. Често патува, мрази монотонија и ретко кога се завртува на исти локации подолг период.
Досега има видено 33 држави 33 различни народи и култури од каде што се надоградувала и учела. Смета дека имаме премногу универзум што треба да биде виден.
Но, најголем предизвик и задоволство ѝ е капење во ледени води и поместување на своите граници. Своите авантури ги споделува на Инстаграм.
Бети ја пренесува својата приказна за CRNOBELO.com:
Ќе започнам со тешка исповед, но искрена и од срце... Имав само 18 години кога ме прегази автомобил, паднав во тешка депресија кога ми соопштија дека не смеам ниту да одам. Ми рекоа: „Заборави на планините, заборави на ракометот, заборави на сѐ.“
Закрепнувањето беше бавно и тешко. Тоа толку многу ме погоди, затоа што јас бев многу активно, па и би се нарекла и хиперактивно дете.
Професионално се занимавав со ракомет 10 години, ракометот беше мојот живот. И оп, еден ден нема ништо од тоа.
Бев неподвижна, во депресија, бев +20 килограми, сакав да се откажам од животот, ништо не ми правеше смисла. Не знаев како да се изборам. Но, Вим Хоф и неговата филозофија на живот ме спасија.
Мојот подвиг започна пред 7 години на моја 20-годишна возраст, кога се соочував со непознати неискусени чувства во моето тело, коишто требаше да бидат излекувани, затоа што слабееше моето психичко и физичко здравје.
Кога погледнав подлабоко во природата, сфатив дека сите одговори за нашите болести можат да бидат излечени со мајката природа.
Бев дете со многу слаб имунитет, но имав храброст и волја да се сменам од корен.
Решив да истражувам малку повеќе за подобрување на имунитетот на природен начин, и така дознав за, како што милувам да го кажам, мојот втор татко Вим Хоф. Човекот што ми го промени животот, а во меѓувреме им го променува и на милиони други луѓе.
Се плашев од ладна вода, па решив да запливам во стравот.
Почнав постепено, без форсирање, чекор по чекор.
Терморегулација се постигнува со аклиматизација на местото каде што планираш да го изведеш своето капење, дали е надвор или внатре, остани со најмалку облека на себеси, аклиматизирај го телото, со длабоко дишење до дијафрагма.
Дишењето е главна алатка во овој екстремен спорт, морате да дишете бавно и правилно да го смирите вашиот адреналин, затоа што веќе мозокот и телото се под стрес од самиот чин, но дишењето е тоа што ве враќа во перфектен баланс, влегувате опуштени и смирени без никаков додатен стрес.
Мојот личен рекорд е капење на -33°С во Финска, Лапонија, каде што живеев 2 години.
Како екстремист по природа, почнав со ладен туш, завршив во екстремна зима и мразови во Лапонија, а кога мразот не ми беше доволен, си направив нов предизвик, па почнав да се капам во истечни води (водопади).
Мора да споменам дека постудено нешто од водопади немам сретнато, а ако сретнам сигурно тоа ќе биде новата цел.
Мислата е нашата кочница, смени ја мислата, почни да си веруваш, ќе искусиш чуда.