Стефан Лазаров: „Се прославив како јутјубер од првиот ден, месечно од спонзори можеш да заработиш и над 5.000 евра“
Под стрес ли сте поради подготовките околу свадбата? Кој е поангажиран?
Воопшто не сме под стрес. Дечките од Рагуза се грижат за сè во ресторанот, мојот братучед Перо има фирма којашто се вика Студио Митаноски и тие ќе се погрижат околу целата декорација.
Околу венчаницата и моето одело веќе сè е капарисано и се подготвува.
Околу атмосферата односно музиката ќе се погрижат Балкан Бенд и ДЈ Матс и знам дека ќе биде сè перфектно. А и бидејќи мојот татко е музичар, а јас сум колега со многу музичари од естрадата можете да замислите колку песни ќе се отпеат од различни естрадни уметници.
Инаку, и мојот кум Ристе Гавровски е пејач, моментално во најдобрата група во Струмица и тој регион.
Единствено ете верувам дека ќе почне онаа позитивна трема или стрес на недела или две пред свадбата кога веќе ќе ја чувствуваме целата еуфорија.
Твој проект на кој си најгорд досега?
Каналот Лазаров. Дефинитивно каналот Лазаров. Тоа е мојот проект којшто ме направи тоа што сум денес.
Многу луѓе сметаат дека јас сум само јутјубер, но слободно ќе кажам дека градам платформа која понатаму ќе ме направи тотално независен. Токму тој мој проект ми дозволува да пласирам што сакам, да бидам тотално свој.
Ете од обични пренкови стигнав до видеа во кои правам истражувачко новинарство. Тоа е убавината на Јутјубот.
Најхуман потег кој си го направил досега…
Помошта за Неџат Камбери е нешто кое најмногу ми значи и сметам дека засега е мојот најхуман потег.
Убавината во тој потег е што не беше еднократен, туку веќе сме добри пријатели, го советувам, му помагам и гледам дека многу ме цени. Моментално работи, живее во станот, почнува да учи да вози автомобил и со тек на време сè повеќе ќе си го средува животот.
Кога ќе се сетам на денот кога дојде и ми кажа дека нема за леб и каде да спие, а сега има денови кога ми ѕвони да ме почести кафе. Многу сум среќен. Верувам дека тоа дете ќе направи нешто од себе во животот.
Најсмелата работа која си ја направил во име на професијата?
Па, мислам дека најсмелата работа се трите видеа направени изминатиов месец во кои ја открив измамата на емисијата „Срце на дланка“.
Многу луѓе ме застануваат на улица и ме поддржуваат. Првпат се соочувам со ситуација тоа да го прават луѓе кои имаат и по 50 години. Ме радува што конечно и тие ме сметаат за релевантен.
Имаше серијал интервјуа со македонски ѕвезди… Кој/а од нив ти е најзабавен за работа бидејќи е најотворен? Колку нашите естрадни личности се подготвени да споделуваат детали за приватноста?
Малку сум разочаран искрено на оваа тема. Естрадните личности воопшто не се спремни да споделуваат детали за приватноста. Да, ќе споделат, но само кога нив им одговара.
Доколку треба да кажат нешто што нема да е во нивна полза или се лутат ако им поставиш такво прашање или после интервјуто бараат да се избрише.
Затоа почнав да снимам со политичари, а од најново сакам и со бизнисмени. Како најзабавно интервју не можам да издвојам, но ќе кажам дека сум горд на интервјуто со Димитар Апасиев.
Не познавам толку успешен, а скромен човек. Во исто време и искрен.
Дали си во конфликт со некој од нашата Јутјуб сцена?
Доволно правев реклама на луѓе кои тоа не го заслужуваат.