Марија од Скопје има ресторан во Џенова: „Во Италија ја сретнав и мојата љубов, нема Италијанец кој не знае да готви“
- Детали
- недела, 25 декември 2022
„Во Италија ја сретнав и мојата љубов, мојот сопруг со кој имаме прекрасен син, кој по напорните работни денови ни го разубавува животот. Италијанците како партнери се романтични, доста грижливи кон сопругата и кон семејството. Нема Италијанец кој не знае да готви“, споделува Марија Божинкочева (33) за CRNOBELO.com, која со пријателка отворила традиционален рибен ресторан во Џенова „Trattoria Il Grillo Parlante“.
Марија Божинкочева (33) од Скопје е сопственик на италијански ресторан „Trattoria Il Grillo Parlante Centro Storico“ во Џенова, Италија и е во брак со Италијанец.
Нејзиниот дедо е Италијанец и уште од најмала возраст слушала прекрасни приказни за оваа земја, па не е ниту чудно што одлучила таму да го заврши средното образование.
Таа ја споделува својата животна приказна за CRNOBELO.com:
Какво е чувството Италија да ти биде дом? Звучи бајковито, дали навистина е така?
Италија имав можност да ја запознам уште од најмала возраст благодарение на мојот дедо кој беше Италијанец и мојата мајка, како ќерка на Италијанец.
Кога бев малечка тие често ми раскажуваа за Италија и животот таму. Уште од тоа време се создаде желба кај мене да ја запознаам Италија многу подобро.
Покрај англискиот и францускиот јазик кои ги изучував на училиште, посетував и приватни курсеви по изучување на англиски јазик, но и паралелно посетував курсеви и го изучував италијанскиот јазик и успеав да ги завршам сите нивоа на изучување на двата јазика.
По завршување на основно училиште во Македонија, во 2003-та година се запишав во средно училиште, научен смер, во Италија, поточно во градот Џенова, и бев сместена во интернат за девојчиња.
Со текот на школувањето имав прилика да запознам многу деца од Џенова, но и од сите краишта на Италија, поради специфичноста на интернатот, кој беше наменет за деца на Италијанци, кои живеат и работат во странство.
Имав можност да запознаам и деца на Италијанци од сите краишта на светот.
Често знаевме, со претходна согласност на нашите родители, нашите летни и зимски одмори да ги поминеме заедно во нивните родни места и поминувавме прекрасни и незаборавни одмори.
Ја пропатував цела Италија од север до југ... Ја посетив Сицилија, Калабрија, Тоскана, Наполи, Капри, Сардинија со што успеав да ја доловам магијата на Апенинскиот Полуостров.
Пријателството и дружбата траат и до денес.
Во што се крие магијата на Италијанците, дали навистина зборуваат гласно, но и се душата на забавата секогаш и секаде? Какви се како народ?
Медитеранскиот амбиент овозможил Италијанците да се пријатен, културен и дружељубив народ, со различности во однесувањето, зависно од кој дел на Италија се.
Од Југот се потемпераментни, подружељубиви и нешто побучни, за разлика од Северот, кои се потивки и поумерени.
Италијанците се народ која држи многу до својата култура и традиција, како во секојдневниот начин на живеење, така и во уметноста, музиката, спортот, исхраната, модата по која се познати на светско ниво. Од млади до постари, сите ја следат модата.
Какво животно темпо има во Џенова, што ти се допаѓа најмногу, а што најмалку?
Живеејќи во градот Џенова успеав да го запознам и да научам многу за неговата сегашност и историско минато.
Џенова е град држава, позната во светот по многу области.
Џенова е едно од поголемите пристаништа на Медитеранско и светско ниво, големите пристанишни и историски познати магацини за тексас-џинс, аквариумот исто така, кој е еден од поголемите во светот.
Потоа, таму е најголемиот саем на јахти во светот, најголемиот саем за цвеќиња на светско ниво, а во Џенова се одржува и еден од поголемите саеми на нациите пропратен со кулинарство, музика, танци.
Значајна е познатата стара чаршија (centro storico) каде што се сместени многу бројни барови (баровите се посебна приказна во Џенова и општо во Италија, Италијанците поминуваат еден добар дел од слободното време со дружење, кафе муабет, аперитиви), во старата чаршија има голем број на ресторани (прочуените Trattorii) на свежа риба и морски плодови од Лигурскиот залив, која ми е омилена храна, ресторани (Trattorii) со типична џеновска кујна...
Препознатлив знак е и фурните, во кои се произведува познатата фокача која се прави на многу начини, познатото пандолче - џеновско панетоне, па има продавници за облека, храна, овошје, зеленчук застапени од целиот свет.
Во Џенова се сади надалеку прочуениот босилок од кој се произведува познатото песто (Pesto Genovese) сос кој се додава во исхраната и во надалеку прочуените пасти.
Населбата (Castelletto) од каде се гледа центраниот и пристаништен дел од градот, многубројните дворци на богати џеновјани, многубројните плажи во Џенова и околу Џенова со многу бројни барчиња покрај нив.
Во близина на Џенова се познатите монденски места Нерви, Портофино, Баија ди силенцио, Санта Маргерита, Чинкве Тере,Санремо и поради тоа многубројни крузери со илјадници туристи пристигнуваат на пристаништето во Џенова.
Лесно ли најде работа, колку долго траеше процедурата со средување документација?
Со завршувањето на средно училиште се запишав на Факултетот за туризам и менаџмент и поради праксата која ја поминував во текот на студирањето почнав да навлегувам во угостителскиот занает, работев во неколку познати фирми во Џенова што се занимаваат со угостителство и на тој начин стекнав големо искуство.
Наоѓав лесно работа затоа што зборувам повеќе јазици. Тоа работно искуство понатаму ми помогна со моја другарка да земеме еден познат традиционален рибен ресторан во Џенова „Trattoria Il Grillo Parlante“ и да го работиме.
Ресторанот продолжувам одлично да го менаџирам и воедно навлегов во кулинарството.