Елена од Скопје живее на Азурниот брег во Франција: „За живот мора да го знаете јазикот, Французите обожаваат да им правам зелник и ајвар“
Има ли многу бездомници и проблем со хигиената? Безбедно ли е навечер?
Зависи каде. Јас можам да кажам за во Aix-en-Provence дека може да се сретне ретко по некој бездомник, но, не многу, за разлика од поголемите градови каде тоа е почеста појава.
Со оглед на тоа колку туристи поминуваат низ градот, хигиената во градот е коректна, но може да биде и подобро.
Чистотата од населба во населба се разликува премногу. Навечер е безбедно од досегашното искуство. Досега не сум имала некој немил настан.
Веќе на 20-30 km од нас во Марсеј дефинитивно се чувствува голема разлика.
Многу криминал по улиците, чувство на несигурност… Марсеј е убав да се посети, има многу места околу кои вреди да се видат. Но, би рекла само толку и ништо повеќе.
Каква е природата? Што те има воодушевено најмногу?
Природата е магична. Јас сум човек што се воодушевува на сè што создала природата. Во овој регион каде што сме сега, Provence-Alpes-Côte d’Azur, има плажи и потоци, прекрасни масиви, езера, чудесни клисури и живописни села.
Тоа што ме правело отсекогаш многу среќна откако сме во Франција е што секаде во близина на нашиот дом имало шуми, паркови, планини, зеленило, иако сме живееле во град.
Секогаш имавме прилика да уживаме и да ја истражуваме природата заедно со Емма. Да дишеме чист воздух и да ја гледаме моментално есента во сите нејзини нијанси и бои.
Кој град од Југот на Франција ти е омилен (и зошто)?
Сè уште немам омилен град бидејќи многу од нив чекаат на листата за да бидат посетени. Тука сме 3 месеци и едвај чекам да истражам што повеќе места.
Можам да кажам дека отсекоаш сум сакала да отидам до Сен Тропе, бидејќи уште од мала ми беше желба да го посетам.
Со сестра ми порано ја гледавме истоимената серија и се воодушевувавме на огромните песочни плажи. Ако некој ја гледал серијата мислам дека ќе го сподели истото мислење со мене.
Има ли многу туристи?
Има многу туристи, да не речем премногу, дури и во овој период од годината. До скоро одевме на плажа.
Крајот на октомври беше толку топол што сè уште можевме да уживаме во морето.
Имаше ли проблем со јазикот на почетокот? Точно ли е дека Французите не зборуваат англиски и мора да го научите јазикот за да се разберете?
Кога дојдов во Франција знаев да кажам едвај 3-4 збора. Французите вистина не сакаат да зборуваат на друг јазик.
Дури и да го разберат поставеното прашање на англиски, тие ќе одговорат на француски. Тоа не го гледав како проблем туку како предизвик што поскоро да го научам францускиот јазик.
Првата година бев толку посветена на таа цел, што ги посетував сите курсеви кои беа активни во моментот и со присуство и онлајн, само да можам што побргу да се интегрирам во системот.
Се дружев со многу странци од курсевите и со нив комунициравме само на француски.
Заклучокот е дека за живот во Франција дефинитивно треба да се познава францускиот јазик, што не е случај и за туристите.
Во туристичките места, вработените во хотели, ресторани, и слично знаат многу добро да зборуваат на англиски па и на некој друг јазик.
Какво темпо на живот водат локалците? Имаат ли интересни навики во секојдневието?
Луѓето кои ги познававме од претходно ни велеа: „Ќе видите на југ не е исто, таму сè е кул…“.
На југ велат дека луѓето се посмирени, водат побавно темпо на живот. Знаат да се опуштат и да уживаат. Од досегашното искуство, можам да потврдам дека тоа е така.
Се случува да гледам исти луѓе секое утро во пекарата на кафе и кроасан пред работа, луѓе кои секое утро трчаат пред или после работа.
Но, сепак генерално Французите се како програмирани. Си го сакаат своето темпо на живот и не сакаат некои нагли промени.
Се знае кога се појадува, кога се руча, а кога се вечера. Се знае кога е време за работа, кога за спорт. А кога е време за одмор, задолжително се пакуваат куферите и се оди на уживање.
Интересно е што луѓето на југ имаат многу специфичен акцент во зборувањето. Да речеме како малешевски во Македонија.
Друга карактеристика за луѓето кои живеат на југ е што многу играат Pétanque (Петанк).
Тоа е друштвена игра на прецизност и умешност со метални топки. Може да се игра еден на еден или со повеќе луѓе.
Каков е јавниот превоз?
Јавниот превоз во нашиот регион е атипичен. Не се работи само за градски превоз, туку со една картичка може да патувате низ еден или повеќе градови кои се во истиот регион.
Во исто време може да одберете каков било јавен превоз, дали е тоа тротинет, велосипед или автобус, па дури истата може да ја искористите и за превоз со брод.
Таа картичка чини 70 евра од месец. Се разбира има и други опции за месечни картички кои се поевтини и кои ќе може да се искористат само за во градот.