Андреа Јосифова за бракот со актерот Жарко Димоски: „Ме запроси со киндер јајце, свадбата ја презакажавме трипати, во Италија беше магично“
Зошто Сицилија е совршено место за одмор?
Сицилија има посебна автентика. Нуди толку многу места што беше невозможно да се посетат сите одеднаш, па си ветивме уште едно патување до таму.
Почнувајќи од мафијата, нешто кое ни доаѓа прво на ум кога ќе се спомне земјата, прекрасните плажи и храната, се дел од работите кои привлекуваат посетители. Старите села во срцето на Сицилија се прекрасни, како на пример селото Корлеоне, кое го посетивме и имавме шанса да видиме како живеела мафијата во тоа време посетувајќи куќа на еден од „доновите“.
Би рекла дека земјата нуди премногу и има по нешто за секого, навистина вреди да се посети.
Какви се плажите во Италија? Каде беа најдобри?
Дефинитивно би ги одвоила плажите на островите како на пример Сицилија или Сардинија. Ако барате бескрајно сина вода со ситен бел песок тогаш овие два острови го нудат тоа.
Мондело и Сан Вито Ло Капо се едни од градовите во Сицилија кои може да се пофалат со вакви километарски плажи, додека Амалфи крајбрежјето е малку подруга. Таму песокот е ситен и црн, поради вулканската природа. Интересно е тоа што покрај таков црн песок, водата е видно сина.
Како патувавте низ Италија, колку е организиран јавниот превоз?
Патувањето ни се одвиваше главно со изнајмување на веспа во сите гратчиња. Неопходно е за места како Амалфи и Таормина кои се високо во самите планини, да имаш превозно средство.
Друга алтернатива е да фатиш градски автобус, но ние бевме во период кога имаше премногу гужва (ферагосто или месец на одмор за сите Италијанци) и се правеше хаос низ улиците.
За 20km дистанца се возеше по 1 час, тие што беа со автомобили и автобуси беа заглавени во сообраќај. Направивме одличен избор со веспата и можам да кажам дека е многу авантуристички, брзо се стигнува до целта, по пат разгледуваш и уживаш.
Возовите исто така се многу често превозно средство во Италија и возат по 200km на час, па така брзо се стигнува до саканата дестинација. Организирани се супер, чисти и удобни за патување.
Од зајдисонца до спектакуларни глетки, често објавувате романтични фотографии со Жарко? Колку романтиката е клучна за одржување на искрата во еден љубовен однос?
Романтиката во дадениот момент е многу поубава во живо отколку на слика, тоа дефинитивно. Кога сте со некого со кого ви се совпаѓаат интересите и мислите ви се насочени кон тоа да го уживате секој дел од животот, да си ги остварувате желбите, да доживувате нови искуства, имате сè.
Со правилната личност, секој дел од секундата e романтичен и романтиката сама по себе си доаѓа, за неа не треба труд. Животот е многу поубав и љубовта цвета кога две битија се посветени еден на друг и навистина се трудат да одржат една хармонија.
Се дури има труд, има надеж за прекрасна љубовна приказна. Така и ние се трудиме да се водиме според оваа филозофија.
Која земја ви е сон да ја посетите?
Имаме толку многу земји што сакаме да ги посетиме, но, нешто за кое следно се спремаме е Мароко и се надевам напролет ќе успееме да отидеме.
Веќе некое време ни е завртено во глава и на двајцата и едвај чекаме да ја искусиме таа култура и мојот омилен ориент. Желба ми е да спиеме барем една вечер во традиционален риад, да посетиме живописен пазар, пустината и секако, Маракеш, Казабланка, Фез …
Дотогаш убавата Будимпешта и незаборавниот Париз се следни на листа, а можеби и уште некое место, никогаш не се знае.