Андреа Јосифова за бракот со актерот Жарко Димоски: „Ме запроси со киндер јајце, свадбата ја презакажавме трипати, во Италија беше магично“
Летово имавте одлична тура низ Италија… Колку дена траеше патувањето и кој град ти остави најсилен впечаток?
Турата низ Италија се случи на моја иницијатива. Бараше целосна организација и планирање, а мене тоа ми претставува задоволство и обично јас сум таа што ги организира сите детали. Во еден ден успеав да најдам авионски карти, сместување, да испланирам што да се посети.
Патувањето траеше 12 дена, а посетивме вкупно 9 места. Решивме да започнеме со Рим, потоа Амалфи брегот каде ги посетивме Равело, Поситано, Амалфи и на крај завршивме со Сицилија. Таму ги опфативме Палермо, Чефалу, Мондело, селото Корлеоне и Таормина.
Целата Италија е преубава и секое место си е приказна за себе, си има своја магија. Ако морам да одвојам, би рекла дека Таормина и Амалфи крајбрежјето ми останаа во срце.
Највкусно нешто што го проба таму е…
Највкусни беа пиците со моцарела и бурата и секако пастата. Добропознато е дека италијанската кујна е една од најпознатите низ светот.
Автентично за целата Италија е тоа што во 18 часот попладне излегуваат буквално сите и почнува „аперитиво“ каде се пие аперол или сличен коктел, пиво, вино и се јаде мезе.
Во Рим пробавме традиционално маритоцо – слатко лепче полнето со крем. На крајбрежјето Амалфи пробавме шербет или сорбет од лимон каде се сече огромен лимон на пола и се полни со замрзнат шербет, има сладок и лимонест вкус и би рекла дека е сличен како сладолед. Бидејќи тој предел е познат по лимоните, бевме опкружени со секакви јадења и предмети од лимон.
За Сицилија традиционални се канолите – долгнавести крцкави школки од печено тесто полнети со крем од рикота и маскарпоне, посеани со мелен ф’стак. Исто така, пробавме и традиционално бриош лепче со гранита од ф’стак.
Зошто ти се допаѓа оваа земја?
Низ улиците на сите места се мешаат мириси од рестораните, се слушаат гласните и расположени Италијанци, се пие добро вино и се ужива. Ова е една од причините поради кои Италија ми е една од омилените земји.
Историјата, архитектурата, јазикот и културата се втора причина поради која ја сакам оваа земја. Спојот на целото ова придонесува земјата да добие магичен дух кој те обзема. Од храна и вино до прекрасни глетки, плажи, природа, историја. Сè во една земја.
Кој град ти е омилен?
Досега би рекла дека Таормина може да ја добие титулата „омилен град во Италија“ иако секаде каде што сум била ми било преубаво.
Градот се наоѓа во Сицилија, поставен е многу високо и има спектакуларна панорама. Исто така има преубав поглед на вулканот Етна, кој е во непосредна близина.
Чувството е како да си во бајка поради преубавата архитектура и преубавите цветови кои те следат насекаде во градот. Нуди многу ресторани, луксузни хотели, продавници и преубави плажи од кои би го издвоила малиот остров Изола Бела.
Туризмот е многу застапен токму поради необичната убавина на овој град. Едвај чекам да се вратам повторно.