Маида од скопско чува гигантска азиска богомолка: „Абриа се плаши од галење, многу е чувствителна на сонце“
- Детали
- среда, 16 ноември 2022
„Богомолките немаат отров, што значи дека се комплетно безопасни за луѓето. Може да се држат во рака, сè додека ги почитувате. Нема потреба да ги галите бидејќи ова може да ги исплаши“ – вели во интервју за CRNOBELO.com Маида Арифовиќ која извесен период чува миленик богомолка, која ја спасила од мачките што сакале да ја изедат.
Маида Арифовиќ од скопско Батинци како дете сонувала да има фарма или прифатилиште за животни бидејќи е огромен љубител. Батинци е планинско место со прилично голем број улични мачки и кучиња, а Маида како дете чувала многу од нив, спасени од улица.
Со текот на годините Маида почнува да покажува зголемен интерес за егзотичните миленици, а богомолката што денес ја чува, Абрија, вели дека ја нашла надвор на студеното време, опкружена со нејзините мачки кои сакале да ја убијат.
Маида вели дека веднаш увидела дека станува збор за азиски вид богомолка и прво верувала дека се работи за Rhombodera Extensicollis (богомолка со штит), но по добро истражување, излегло дека станува збор за Hierodula Membranacea (гигантска азиска богомолка).
Таа вели дека била мошне изненадена, затоа што овие богомолки живеат само во Југоисточна Азија.
Во интервју за CRNOBELO.com Маида раскажува повеќе за нејзиниот миленик...
Какво живеалиште е потребно да се направи за да чуваш богомолка?
Живеалиштата за богомолките се прилично лесни за правење. Има два вида на живеалишта за овој инсект: обични и природни. Обичните се класични, без додатоци, и многу полесни да се направат.
Природните живеалишта го претставуваат живеалиштето на богомолката во дивина, со многу додатоци (земја, трева, песок, дрва / сè зависно на видот на богомолката. На пример: орхид богомолката живее помеѓу цвеќиња; пустинска богомолка живее во песочна околина итн.).
Ама сепак, и двете од овие видови живеалишта треба да ги имаат овие основни работи: Висината на живеалиштето треба да биде минимално 3-4 пати повисоко од должината на богомолката, а може да биде пластично (идеално), стаклено, дури и кафез ако е добро затворен.
Многу е важно да се има добар проток на воздух, температурата на живеалиштето да е помеѓу 18-30 C° (зависи од видот на богомолката), влажноста да е помеѓу 60-80%, и да има добар пристап на објекти за качување (идеално гранки).
Мојата богомолка Абриа ја чувам во природно живеалиште. Голема кутија од 30l во која има пристап на гранки, а дното е декорирано со засаден мов, тревки, камења итн.
Во капакот имам направено 12 мали дупки за да може да има воздух. Живеалиштето е естетски уредено и убаво изгледа во салонот каде што ја чувам.
Колку време во просек живее една богомолка?
Животниот век на богомолките е директно поврзан со нивната големина – колку е поголема толку подолго ќе живее. На пример помалите видови на богомолки генерално живеат 3-6 месеци, а гигантските можат да достигнат дури 2 години во добри услови.
Честопати женките умираат после снесување на јајца, ама ова не е секогаш случај бидејќи има и исклучоци кои продолжуваат да живеат без никаков проблем, иако се ретки.
Како се храни? Од каде набавуваш храна за неа?
Богомолките се предатори, што значи јадат други животни, било да се инсекти, мали птици или рептили.
Барав живи скакулци за мојата богомолка на интернет и во пет шоповите во близина, но без успех. Па затоа морав да почнам да ѝ фаќам инсекти во мојата градина. Се храни секој втор до трет ден, па тоа ми ја прави работата малку полесна.
Дали Абриа има некоја омилена храна? Што е тоа?
Дефинитивно има! Ужива да јаде скакулци, најомилени ѝ се.