Илина Арсова за животот во САД и докторските студии: „Го живеам својот сон, но едвај чекам да се вратам во Македонија“
Какви се дружбите за време на тие планинарски тури, какви се локалците кои живеат во подножјето на планините, кои ги посетуваш? Од Еквадор до Непал, кои „домаќини“ ти оставија најсилен впечаток?
Тешко да одвојам омилен народ, можам само да кажам од Еквадор до Непал луѓето кои ја сакаат природата и планините се многу слични, бидејќи делат слични размислувања, принципи и интереси.
На кои свои подвизи си најгорда?
Доста сум горда на овој последен подвиг, докторските студии кои се во тек.
И, секако, испишувањето на историјата за македонското планинарење особено помеѓу понежниот пол. Сепак, мислам дека најголемо достигнување ми е што успеав некои од тие врвови, не само да ги искачам, но и да ги скијам.
И секако најдраги ми се оние кои ги искачував во сопствена режија без водичи и додатна логистика.
Горда сум на книгите и на филмот кој го продуцирам, на значајните награди кои ги добив во Македонија, како и на активистичките подвизи за Охридското Езеро, кои заедно со моите драги истомисленици – еколози ги развивавме од корен.
Што е најважно кога одиме на планинарење? Имаш ли некаков ритуал пред поаѓање?
За ова прашање би ве охрабрила да ја купите мојата книга „Планинарење“. Таму доста говорам за сите неопходни подготовки како и лични совети за оние што сакаат да планинарат.
Каков човек е Илина? Кои ти се најголемите карактерни мани, а кои предностите?
Јас сум доста едноставен човек. Можам да се радувам со многу малку, но и да целам многу високо. Наивна сум и премногу им верувам на луѓето затоа и многупати бев повредена.
Емпатична сум кон чувствата на другите, исклучително осетлива на неправди, до толку што и премногу се вознемирувам кога некому ќе му се случи, исто како да ми се случило мене.
Мислам дека сум добар лидер и организатор. Луѓето ми кажуваат дека сум им голема инспирација и дека умеам да ги мотивирам.